Министерството за надворешни работи на Македонија вчера излезе со соопштение во кое го поздрави усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за Република С.Македонија. Резолуцијата вчера беше усвоена заедно со амандманите на бугарската делегација за кои македонските експерти уште во март предупредија дека остваат простор за историски и идентитетски ревизии во текот на преговориите, пишува МКД.мк.
Во соопштението на МНР со ниту еден збор не се споменуваат амандманите на бугарските европратеници. „Како и досега, Европскиот парламент упати јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија со С.Македонија веднаш. Охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број на членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ.
Особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на С.Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од Европското семејство. Почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е силна инвестиција за стабилност, не само за земјите од регионот, туку и за ЕУ, особеново во актуелниот безбедносен контекст во Европа. Во таа смисла, го поздравуваме повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес, што е во духот и принципите на пристапниот процес. Парламентот исто така го препознава рефорскиот напредок на земјата и нејзината подготвеност веднаш да ги започне преговорите со ЕУ“, соопшти МНР.
Наспроти ова, Институтот за демократија (ИДСЦ) и Институтот за европска политика (ЕПИ) уште на 31 март во заедничко соопштение укажаа на тоа дека македонските црвени линии треба да бидат преточени низ конкретни, а не декларативни принципи и решенија кои политиката мора да ги испочитува за да обезбеди трајно, вистинско и одржливо решение на проблемот со Бугарија.
„На Македонија не ѝ треба започнување на преговори со ЕУ ако во нив се влезе со позиција, која во текот на преговорите, би оставила простор за идентитетски и историски ревизии… Македонската држава не треба да престане да разговара со Бугарија, но исто така никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици.
Обврските кои ќе ги преземе неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент“, соопштија институтите и додадоа дека овој документ бил испратен до кабинетите на претседателот и премиерот на државата, Министерството за надворешни работи и до Секретаријатот за европски прашања.
Институтите сметаат дека е недозволиво ако договорот биде вметнат во пристапниот процес затоа што тоа би ѝ овозможило на Бугарија да бара исполнување на услови кои немаат никаква врска со правото на Европската Унија, што би го фрлило целиот реформски процес во сенка и би ги свело преговорите со Брисел на задоволување на барањата на Софија.
Вчера во Стразбур европратениците ги одобрија спорните амандмани 75б, 79 и 80, за кои институтите сметаат дека претставуваат поткопување на основните стандарди и вредности на ЕУ. Амандманот 75б се однесува на историското помирување и „заедничка историја“, со што според ЕПИ, Европскиот парламент го одобрува притисокот што го врши Бугарија за да се толкува историјата на нивен начин.
Амандманот 79, кој исто така е усвоен, се оценува како притисок врз заедничката Комисија за историски и образовни прашања, која треба да работи независно и без никакви политички притисоци.
Амандманот 80, пак, се коси со проценката на Европската комисија, бидејќи гласи оти нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021, предупреди ЕПИ.
Comments are closed for this post.