Овие избори се вистински бидејќи е дојден последниот час за да победат пристојните луѓе и разумот во Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот партиски настан на кој беа промовирани кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ за парламентарните избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во својот говор кажа дека државата покрај тоа што е наша припадност, таа претставува и наше наследство кое многу генерации претходно скапо го платиле и потсети дека секој треба да биде свесен дека секоја педа македонска земја е натопена со многу страдања борби и крв, па затоа, дојден е часот и моментот кога сите заедно треба да ги промениме работите бидејќи ова е последен час за победа на пристојните луѓе во Македонија.

„На прагот сме на голема победа. И таа победа зависи од секој еден човек на Македонија. И таа победа нема да биде само наша, туку ќе биде на сите пристојни луѓе кои овој пат ќе решат да излезат на избори и ќе донесат одлука не за нас, туку пред се за себе, за своите семејства, за својата иднина. Работите никогаш не биле потешки, но и никогаш не биле појасни. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата сила за промени кои Македонија мора да ја врати на народот. Македонија мора да остане таму каде припаѓа и државата да почне конечно да функционира онака како што очекуваат граѓаните“,

рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека победата на претстојните парламентарни избори ќе испрати порака дека два милиони народ се посилни од стотина елитисти кои со години ја упропастуваат Македонија и дека оваа победа ќе значи крај на обезличувањата и крај на криминалот и корупцијата која го јаде македонското здраво ткиво.

„Ваша одлука, но наша заедничка победа за нова енергија на луѓе кои безусловно ја сакаат Македонија. Заедно, со огромната сила на народот од денес го почнуваме последниот и финален чин на тоа да си ја вратиме Македонија и Македонија да биде повторно ваша, наша, Македонија да биде повторно твоја. На секој еден пристоен човек кој знам дека ќе реши да се бори за својата иднина. Победуваме со силата на многумина кои мора да излезат на гласање ако сакаат промени. За Македонија повторно твоја за промени кои се во твоите раце“,

вели Мицкоски.

Една од пораките беше и дека ДУИ веќе дваесет години се провлекува при секоја промена на власт и иако се учесник во секоја Влада, немаат ниту еден човек од нивната структура кој некогаш одговарал пред законот.

„Јас како човек немам ништо против ниту еден народ, но имам против тоа да се краде Македонија и упропастува бездушно.  Затоа што и Албанците во Македонија се заложници на криминалот на ДУИ и затоа што и тие подеднакво живеат тешко исто како што тешко живеат и Македонците, и Србите, и Турците, и Ромите, и Бошњаците, и Власите и сите останати граѓани во Македонија. Тоа што ДУИ беше зелена партија, а сега се големи европејци покажува дека тие имаат десетина лица, но едно лице никогаш не го менуваат, тоа е лицето кое што стално носат со себе, тоа е лицето на криминалот. И за тој криминал мора да одговараат и да има правда за секого“,

изјави Мицкоски.