Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ утрово беше кај шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска да ги предаде аудиоматеријалите и транскриптот што ги добил од укажувач, а во кои се слуша гласот на доскорешниот премиер Зоран Заев.

Тој откако и ја предал аудио снимката на обвинителката Вилма Русковска, рече оти добил ветување дека материјалот ќе се користи како доказ во случајот Меѓународен сојуз каде осомничени се Боки 13, неговиот татко, како и Фросина Ременски.

Обвинителката беше коректна, направи записник по предадениот материјал и рече дека ќе го вкчучи во истрагата за Меѓународниот сојуз. Како што кажав, овие записи покажуваат дека Зоран Заев знаел за финансирањето на оваа невладина организација и на 1ТВ, рече Милошоски.

Според него, најдобро би било Русковска да го повика и Заев даде појаснување за разговорот.

Снимката што денеска ја предаде во Обвинителството, Милошоски минатата недела ја презентираше на седница на собраниска комисија.

Тој појасни дека дал само еден разговор, оној кој го пушти на седница на собраниската комисија, но не и материјал за кој бараше дозвола да го презентира на пленарна седница, за што не доби дозвола од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Дадов се што имам, ако добијам други материјали, ќе ги доставам и тие, рече Милошоски.

Доставувањето на аудио снимката денеска со кусо соопштение го потврдија и од Обвинителството.

Денеска во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на негово барање, обвинителката Вилма Русковска го прими пратеникот Антонио Милошоски. На средбата Милошоски достави аудио материјал за кој по преслушувањето и анализа на истиот ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошно користење на материјалот, се вели во соопштението.