Судот на барање на обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи, по денешното соопштување на пресудата за „Титаник 2“, им одреди мерка притвор на Сашо Мијаков и Бедредин Ибраими, поради постоење опасност од бегство.

Ибраими доби затворска казна од четири години и шест месеци, а Мијалков три години затвор.

За Мендух Тачи, кој е осуден на три години и два месеци затвор, како и за Сашо Срцев,  Анета Стефановска и Влатко Сајковски, кои беа осудени на три години затвор, е изречена мерка за претпазливост.

Осудените имаат право на жалба, но таа не го одложува извршувањето на судските одлуки.

Фетаи претходно образложи дека со оглед на однесувањето на Бедредин Ибраими за време на целата постапка и неговото јавно кажано непризнавање на СЈО, единствен механизам за обезбедување негово присуство е мерката притвор.

На рочиштата го видовме однесувањето на обвинетиот Бедредин Ибраими. Не го признава СЈО и не го почитува судот. Ваквото однесување ми дава сомнеж дека нема да ја почитува и донесената пресуда. Може само да се очекува криење и бегство. Затоа предлагам да му биде изречена мерка притвор, рече Фетаи.

Ибраими рече дека нема да бега, бидејќи тука е роден, тука живее и тука ќе умре.

Воопшто не изнесовте ниту две реченици за изнесените докази за противзаконското работење на ДИК. Цело време се повикував и не ми дозволивте да го изнесам основниот доказ за примопредавање на доказните материјали и не дозволивте да се докаже дека таа е незаконски и надвор од времето за отворање истраги. Ако мислите дека со додворување од судот на СЈО се прават судски реформи се лажете. Во однос на мерките притвор јас сум тука роден, тука живеам и тука ќе умрам. Нема да бегам, изјави Ибраими.

Во однос на Мијалков, обвинителката рече дека тој коректно се однесувал на судењата и тоа било за пофалба, но опасноста за бегство превагнува.

Бранителот на Сашо Мијалков, Миле Петровски, рече дека предлогот за мерка притвор не треба да се прави врз основа на проценка, туку врз основа на докази.

Изјавата дека опасноста од бегатво е зголемена затоа што сега е објавена пресуда, не е доказ, туку претпоставка. Факт е дека обвинетиот во друга постапка е во куќен притвор и ја почитува и со ништо не покажал дека нема да ја почитува одлуката на судот, изјави адвокатот Петровски.

Мијалков пак рече дека стилот на неговото живеење не е бегањето и доколку Апелација ја потврди оваа одлука ќе ја изврши.

Слушнавме денеска од СЈО дека се појавиле околности без да се дадат докази. Стилот на моето живеење не е бегањето и доколку Апелација ја потврди оваа одлука ќе ја извршам, рече Мијалков.