„Јас и ВМРО-ДПМНЕ не можеме да поддржиме закон кој има единствена цел, амнестија на криминалот на Заеви и пресметка со политичките противници од опозицијата“, порача денеска преку фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Но, да сме јасни, се согласувам апсолутно со тврдењето дека имплементцијата на првдата зависи од ВМРО-ДПМНЕ, добро е што и Зоран Заев и неговите обожаватели сфатија дека за неколку месеци од сега реалноста ќе биде поинаква во Република Македонија. Со други зборови, Заев не е во состојба да наметнува услови, ниту диктира темпо, а правдата е потребна зошто тој и неговите луѓе носат неправда“, напиша Мицкоски на фејсбук.

Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција учествувала во реформскиот процес и затоа Македонија и денес се уште добива позитивни извештаи. Тој потенцира дека доаѓа правда за сите граѓани, нема привилегирана каста на политичари, туку политичари кои ќе им служат на граѓаните и државата.

„Секој што се огрешил пред законите и посрамотил пред граѓаните ќе треба да понесе одговорност. Но Вие сте грешеле многу и затоа сега ви е потребен закон за обвинителството ваков каков што е за да можете да излезете пред членовите на вашиот ЦК и да ги убедувате дека сега Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги притиснеле странците да го подржат законот па така Катица како ново промовиран заменик републички обвинител, помошниците на Катица во новото обвинителство заедно со нивните братучеди, внуци, снаи, соседи и пријатели на Катица, но и по некој член на СДСМ во тимот истражители и администрација ќе носеле правда во “заробената држава”, а денес со голем дел од тие луѓе се уортачивте и заеднички ковате планови против Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мицкоски.

Тој додава дека притисоците ќе поминат, а Јанева  и останатите ќе имаат можност да докажуваат низ фер истражна постапка дали се или не се дел од октоподот наречен рекет.

„А вие заедно со вашите нови ортаци ќе бидете поразени на следните предвремени избори и затоа бегате да проверите дали блескате или ќе ве блесне народот со жестока казна, ден порано. Нема да подржиме со закон инсталирање на роднините, братучедите на помошниците на Катица, внуците, снаите, соседите и пријателите на Катица но и по некој член од СДСМ во новото обвинителство додека младите ја напуштаат масовно државата затоа што не добиле шанса. Ќе има фер транспарентна постапка за секој кој чувствува дека има компетенции да може да се пријави, а не само тие кои вам ви слугуваа до сега. Дали државата била “заробена” имавте можност со вашите слуги во обвинителството и судството да докажувате веќе трета година по ред, ги излажавте сите оние кои ви веруваа во паролата немало правда немало мир, но затоа сега за малкутемина привилегирани има функција има привилегии, а за вашите најблиски има тендерчиња има дебели провизии по принципот пола пола, место на исплата сега веќе различно но најмногу старото проверено, еден ресторан во југоисточна Македонија. Не успеавте да докажете дека била “заробена држава”, но еве сега јас ќе ви кажам, денес Македонија е “изгубена држава”, ја губиме од ден на ден, педа по педа сите ние без разлика на етничката припадност, без разлика на политичката припадност поради вашиот ортаклук со криминалните банди кои формално и неформално ги инсталиравте до себе но и околу себе“, порачува Мицкоски.