Добро е што тој се потрудил и ги изанализирал мерките кои утрината ги предложивме за стопанството. Тоа го поздравуваме и веруваме дека причината за т.н. вонредна прес-конференција не се штури и делумно ископирани мерки, кои ги видовме синоќа, туку целосна понуда и прецизен план што го дадовме вчераутро. Добро е што го прифати предлогот здравствените установи и школите да влезат на регулаторниот пазар на струја, но истото треба да се случи и со јавните претпријатија, каде се вработени над десетина илјади граѓани и каде десеткратно повеќе од тоа ги користат услугите што тие ги обезбедуваат.

Вака за македонската редакција на Дојче веле ја оцени синоќешната прес-конференција на премиерот, Димитар Ковачевски, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски, со конкретни пресметки за ДВ објасни како може да се дојде до цени за струја двојно пониски од берзанските.

-Со нашите позиции што сме ги стекнале во Европа, без разлика дали се тоа луѓе од бизнисот или од политиката, а имајќи ја предвид индикативната цена на мазутот, плус факторингот кој што го пресметавме, таа нема да надмине 200 евра за мегават час, во зависност од тоа дали ќе се работи со една, со две турбини и ќе се движи од 150 до 195 евра за мегават час. Ние велиме дека тука ќе има отприлика 783 илјади мегават часови или некаде блиску 0,8 терават часови, кои што се сосема доволни за бизнисот да опстои, да ја помине оваа есен и да ја помине зимата. Доколку власта ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе успеат да заштедат 300 милиони евра пари на граѓаните, а и корисниците на БЕГ нема да плаќаат повисока цена за затоплување, објаснува Мицкоски.

Според него, целта е да се овозможи сите производни капацитети во Македонија во оваа кондиција да можат да работат, бидејќи Владата тврди дека има доволно јаглен.

-Владата вели дека ќе работат трите блока во Битола, дека ќе работи Осломеј, дека хидропотенцијалот е на завидно ниво и во добра кондиција. Остануваат уште како производни капацитети термоцентралата во Неготино и термоелектраната – топлана во Скопје, ТЕ-ТО. Од друга страна, гледаме дека бизнисот постепено, но сигурно оди во пропаст, голем дел од комбинатите затвораат поради големите цени на енергенсите, не се рентабилни, голем број наши сограѓани остануваат без своите работни места или ќе останат без своите работни места. Ќе потсетиме дека бизнисот вработува некаде околу 680 илјади наши сограѓани“, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „она што загрижува – е слабиот капацитет на реализација што го има Владата“.