Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Дирк Јан Коп.

На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, но и за стратешките и реформски процеси кои се од големо значење за иднината на Република Македонија. Мицкоски го информираше холандскиот амбасадор за низата на корупциски скандали во кои се инволвирани претставници од власта, но и СДСМ. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека е потребна брза и ефикасна разрешница на случајот Рекет 1 и Рекет 2 во која сите инволвирани ќе одговараат за стореното.Соговорниците се согласија дека владеењето на правото е клучно за иднината на Република Македонија пред се поради остварување на стратешкиот интерес на државата за добивање на датум за преговори со Европската Унија и нашето членство во Унијата, се вели во соопштението на Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ.

Мицкоски истакнал  дека од огромно значење е помошта и поддршката на Кралството Холандија за Македонија во сферата на реформи во правосудството, јавната администрација и владеењето на правото, но дека е потребна власт која сериозно ќе се зафати реформите за остварување на стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ и Република Македонија за членство во Европската Унија.