Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ при своето гостување во емисијата „360 степени“ на АлсатМ телевизија посочи дека треба да се почитува правилото на реципроцитет во однос на прашањето за внесување на Бугари во Уставот на Македонија. Потребно е да се разговара и за внесување на Македонците во бугарскиот Устав и почитување на пресудите од ЕСЧП.

„Вчера гледав една емисија на една телевизија тука, во која што имаше претставник од ОМО Илинден Пирин и еден од граѓанска демократска унија кој што се декларира себеси како еден од македонските Бугари овдека во Македонија. И едниот на другиот му вели добро јас сум Македонец кој што живее во Пиринска Македонија, кој што дел од независна држава Бугарија, и му вели јас немам против да вие како Бугари кои што се чувствувате како македонски Бугари бидете дел од Уставот, но зошто вие имате против ние како Македонци да бидеме дел од бугарскиот Устав“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека во емисијата претставникот на ОМО Илинден Пирин предложил на македонскиот Бугарин заедно да се борат.

„Јас ќе ви помагам за да вие во Македонија вие да бидете дел од македонскиот Устав, а вие помогнете ми да бидам дел од бугарскиот Устав“, вели Мицкоски од тоа што се говорело во емисијата за правата на Македонците во Бугарија.

Мицкоски додаде дека претставникот на ОМО Илинден Пирин побарал барем една од пресудите од ЕСЧП да се почитува од страна на Бугарија.

„Ние зборуваме за права на група, не зборуваме за признавање на македонско малцинство. Ние зборуваме за права за една група која што сака културно да се организира, духовно да се организира, политички, општествено итн. јасни се пресудите од ЕСЧП“, појасни Мицкоски.

Мицкоски укажа дека не треба само да се дава, туку треба нешто и да се земе во животот. А, Македонија само дава во однос со спорот со Бугарија.

„Ние во соопштението кажавме дека и после состанокот позициите на ВМРО-ДПМНЕ се исти како и пред состанокот. Односно дека македонскиот јазик е македонски, дека ние сме Македонци кои што си имаат своја традиција, култура, дека Гоце Делчев е Македонец, дека Илинденското востание е востание на македонскиот народ заедно со граѓаните кои што биле Турци, Албанци, Власи, итн.“, истакна Мицкоски.