Некои очекуваат на мафијашката реакција од страна на власта да следи таква реакција и од другата страна, но ние тоа нема да го направиме. Нема да се спуштиме на тоа ниско ниво како СДСМ, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Кисела Вода.

Тие го деградираа и Собранието и институцијата пратеник. Напротив ние ќе работиме само за граѓаните. Ќе го реализираме ветеното, а нашата крајна цел е промена на оваа криминална влада предводена од СДСМ и ДУИ и формирање на влада која ќе работи за граѓаните, влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и така ќе делува. Ако мислите дека ќе правиме опструкции на Буџет од кој пензионерите земаат пензии, други земаат плата, тоа нема да се случи. Имаме повеќе од 22 амандмани и очекуваме да бидат прифатени од оваа власт во заминување. Тоа се амандмани за народот. Треба да ги поддржат затоа што се за народот кој сака подобар живот – порача Мицкоски.

Тој укажа дека „владата сигурно ќе замине и тоа треба да се случи на избори кои ќе се случат час поскоро“.

Апелирам да се соземат и да разберат дека се поразени и да има избори и да дојде народна влада. Вистинска прогресивна влада. Сега имаме состојба 60 пратеници на опозиција, 59 на власта и еден кој не знаеме каде е – изјави Мицкоски.

Според него, во услови на криза треба лидерска средба, но нема за што би се разговарало сега на таква средба.

За мене, од овој пратеник што читаше од лист со бела позадина, поголем срам е што пратениците се бојкотираа сами себе. Замислете каква дрскост – не им дозволија да бидат дел од процедурата, од парламентот. Тие се избрани од народот и треба да работат за народот – заклучи Мицкоски.