Кулминираат превирањата во македонскиот дел од комисијата, од која веќе излегоа тројца членови од првичниот состав. И покрај тврдењата на оние што останаа во комисијата дека „над нив нема политичко влијание“, сепак оние што не останаа во комисијата си заминаа токму поради, како што велат, „неподносливото политичко влијание“, при што презентираа и низа индикатори во полза на тоа тврдење. Со последното заминување на член од комисијата, во јавноста излегоа низа тврдења, некои од нив загадочно презентирани, кои сепак влегоа во радарот на интерес на јавноста, но веројатно и како предмет на интерес на надлежните институции. Изјавата, пак, на претседателот на историската комисија предизвика дополнителна конфузија, огорченост и жестина, при што неодминлив беше впечатокот дека коруптивната матрица е длабоко вкоренета во нашето општество и е најслабата точка токму кај личностите што се избрани да ги бранат државниот и националниот интерес, пишува Нова Македонија.

Изјавата што беше дочекана со вчудовидување во македонската научна и политичка јавност, во јавноста квалификувана како скандалозна и политички мотивирана, а пак во Бугарија протолкувана како признание за фалсификат, а беше дадена од претседателот на македонскиот дел од комисијата, Драги Ѓоргиев, во едно медиумско интервју гласеше: Во Македонија, историографијата беше во функција на градење на нацијата. Никој во Македонија не опонираше на ставовите на нашите историчари. Никој. Тие имаа слобода, тие имаа друга мисија. Тука ние треба да погледнеме похрабро кон тоа. Ова е факт, нашата нација вака е изградена и не треба да се плашиме од тоа. Нашата нација е изградена. Имаме во минатото, кога е градена таа нација, кои не кореспондираат со академската наука. Некои прашања биле или тргани настрана, или селективно бирани. Имало и правење на фалсификати и тоа треба да се каже. Наместо ‘Бугарин’, некои историчари пишуваа ‘Македонец’“.

Толку голем парадокс, што дури и сопствените научни трудови како историчар си ги компромитира како фалсификати

Не разбирам како човек што треба да ги претставува и брани македонската историска наука и македонската нација со научни аргументи, изнесува во јавност такви политички мотивирани квалификации, кои ја дисквалификуваат целата македонска историографија и ја деградираат македонската нација како фалсификувана. Не разбирам што сака да каже: дека Македонците се Бугари, дека сме ја фалсификувале историјата за градење на нацијата? Недоветно и дегутантно да се зборува за историски фалсификати во 21 век! Ако се тврди такво нешто, мора да се излезе со конкретни аргументи и го повикувам претседателот на македонскиот дел од историската комисија, доколку ги има, да ги обнароди т.н.фалсификати на македонската историографија. Тоа е толку голем парадокс, што дури и сопствените научни трудови како историчар, професорот Ѓоргиев ги компромитира како фалсификати – вели професорот од Институтот за национална историја, Тодор Чепреганов, колега на професорот Драги Ѓоргиев.

Професорот Чепреганов укажува на податокот дека имало еден-два издвоени случаи во минатото кога македонски историчари сметале дека споменувањето „Бугари“ во одредени документи од одреден историски период треба да се „читаат како Македонци“, но немало интервенции во документите, што би имплицирало на фалсификати, туку тоа се издвоени научни гледишта.

За тоа се дискутирало и во македонските и во бугарските историски кругови, и тоа е расчистено. Не може и не смее поради издвоени научни гледишта да се наметнува фалсификаторска дамка на македонската историографија, а македонската нација да се нарекува „фалсификат“. Особено што во бугарската историографија има многу поексплицитни фалсификати – вели историчарот Чепреганов.

Професорот Чепреганов смета дека ваквите изјави на претседателот на македонскиот дел од комисијата го доведуваат во прашање научниот кредибилитет на целата комисија.

Ако во македонската историографија имало фалсификати, зошто членовите на комисијата не ги откриле пред нејзиното формирање? Зошто членовите на македонскиот дел од комисијата немаа забелешки за содржините на историските учебници во Македонија пред само три-четири години, пред да биде формирана комисијата како резултат на Договорот за добрососедство? Целата работа на комисијата и изјавите на нејзините членови се политички мотивирани. Ако беа научно мотивирани при оставките на тројца членови од нејзиниот првичен состав, преостанатите членови ќе застанеа во заштита и одбрана на нивните научни аргументи и укажување за политички притисоци. Така ќе покажеа дека нема политичко влијание во работата на комисијата. Со останувањето во комисијата, застанаа зад политиката. Всушност, комисијата е формирана со цел историчарите да испорачаат резултати според Договорот за добрососедство, кои ќе ѝ угодат на едната страна – на бугарската. Зарем некој очекува дека Бугарија ќе ја внесе македонската нација во своите учебниците, кога политички не ја признава – поставува повеќе реторички прашања професорот Чепреганов.