„Чукна часот, дојде денот, мигот кога секој од вас треба да ги преземе работите во своите раце, да излезе и да гласа, за својот дом, за своето семејство, за заедничката иднина. Македонија овој пат се брани со гласачко ливче, на 21 април и потоа и на 5 мај“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на  централен митинг во Скопје.

„Оваа власт удри по темелите на нашта заедничка куќа, почна да руши дел по дел, темелите се урнисани, остана само покривот, да не дозволиме и тој да се сруши, зошто ако останат на власт ќе падне кога тогаш. На овие избори не бираме само претседател, туку со победа отвораме простор за предвремени парламентарни избори, за да може овие што седат овде спроти нас и не водат кон пропаст да си заминат за секогаш“ рече Мицкоски.

Мицкоски им се обрати и на разочараните членови на СДСМ.

Се обраќам и до оние кои чекореа по овие улици и вистински се понадеваа дека ќе се изборат да има правда и да има мир. Знаат дека ниту правда се донесе, ниту мир се постигна. А воедно Заев ги предаде сите идеали во кој што веруваа. И не е ова СДСМ на кое се надеваа, ниту пак некакви идеали запазија. Затоа излезете и казнете против сето она што ве измамија. Сега е моментот кога треба да бидете доследни на она во што верувате, бидејќи живот без идеали, е како куќа без темели. А што е животот без Македонија? Ништо, дрво без корен. Македонија е во нас, околу нас, таа е наша емоција и наша суштина. Се да имаме Македонија ако ја немаме, како ништо немаме.

Тој испрати порака и до оние кои сакаат да ги бојкотираат изборите.

„Сакам да се обратам до оние кои цврсто заговараат бојкот, а кои сепак во своите срца ја носат идејата за Македонија. Ние сме браќа и сестри по нашата кауза, и знам дека имате 1000 причини да бидете разочарани, повлечени, бесни, и не велам дека за се не сте во право, но ви се обраќам искрено, без ракавици, во име на организацијата со историско име и завет ВМРО, имате една причина зошто морате да излезете, таа се вика Македонија. Бојкотот на овие избори знаете дека му помага само на Заев, и тој потајно тоа го посакува и на тоа се надева, и на тоа работи. Некогаш треба да се биде молчалив и да се чека прилика кога треба да се биде гласен, ова е твое време. Сега треба да се биде гласен. Дојдете во нашето семејство, затоа што со нас имате многу повеќе заеднички работи, отколку со оваа однародена власт. Бесот нека не ви биде поголем од љубовта кон татковината, која знам дека длабоко во срцето ја имате. Дојдете заеднички да се бориме против ова зло. Излезете и гласајте, не барам да гласате поради мене или ВМРО-ДПМНЕ, гласајте поради себе и своите семејства. Гласајте поради Македонија“, рече тој.