Пратеници од СДСМ, ве повикувам да не подлегнувате на притисоците на власта и да постапите исклучиво според сопствената совест. Бидете достоинствени, почитувани пратеници од СДСМ и не потклекнувајте на притисоците од некои челни луѓе на вашата партија, вели во своето обраќање Христијан Мицкоски, лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Сакам нешто да се знае. Мојата цел не е борба за гола власт, туку првенствено заштита на државните и национални интереси преку отфрлање на процес кој е штетен за Македонија. И тоа треба да биде нашата заедничка борба во која треба да се обединиме сите на страната на народот и на страната на нашата Македонија.

Пратеници од СДСМ, Вие отфрлете ја информацијата на Владата, а јас ви ветувам дека нема да барам избори и ќе поддржам опстојување на оваа влада, па макар било тоа и малцинска, само Македонија да не биде уценетата и понижена и да не се прифати она што сега ни се нуди.

Мојата понуда е чесна и искрена и таа е водена исклучиво од интересите на народот и иднината на нашата Македонија, тврди тој.