„Да го вратиме македонизмот во Македонија без разлика на нашата етничка припадност и Македонија повторно да ја направиме голема“, порача од митингот во Кичево лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој појасни дека ова е третиот столб од партиската програма  за парламентарниот мегдан, што го очекуваат по победата на претстојните претседателски избори. Притоа потенцираше дека кога говори за враќањето на македонизмот, не мисли само на Македонците, туку и на сите останати граѓани Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци.

Вторите два столба, пак, се мерките за зголемување на квалитетот на живот и создавање економски просперитетна држава на среќни и задоволни луѓе.

Мицкоски во својот говор побара извинување од власта за погрдното етикетирање на граѓаните како овци и сурати. Власта, според него, има проблем сама со себе, а ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот на 21 април, а потоа и на 5 мај ќе го реши тој проблем.

Нашата прва мисла пред да заспиеме се народот и Македонија, нашата прва мисла кога ќе се разбудиме се народот и Македонија, а вие од врхушката на власта мислите на народот само од избори на избори. Чекорите кон иднината со вреќи украдени пари, а ние достинствени и горди. Вие сакате да се откажете од минатото, зашто ви е сидро со кое не можете напред, а за нас минатото е едро со кое достоинствено сакаме да одиме во иднината, рече Мицкоски.

На митингот во Кичево беа присутни претставници на Австриската народна партија и седуммина австриски градоначалници со нивни соработници. Во нивно име, на присутните им се обрати Бетина Рауш, претседател на Политичката академија на АНП. Таа изрази задоволство од средбите со колегите во Македонија, а посебно од разговорите со евроамбасадорот Жбогар, кој ги информирал дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ не протестира по улици, како што тоа го прават опозициските партии во другите западнобалкански земји, туку е во парламентот и учествува во работата на институциите.

Како што вие можете да сметате на нас, така и Македонија може да смета на Гордана, изјави Рауш.