Следува период на одлични можности за конкретни програми во регионот Преспа. Ова е заклучокот од панел дискусијата организирана од Агенцијата за млади и спорт и Општина Ресен со која се отвори манифестацијата “Запознај ја Преспа”.

Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, Никола Бертолини во своето излагање најави силна финансиска поддршка за Преспа и проекти кои ќе го развијат целиот регион

“Не сме тука да ви продадеме веќе дефиниран модел за поддршка и развој. Тука сме да ве прашаме и да слушнеме што вас ви треба. Сакаме да направиме нешто што ќе има смисла. Но многу скоро ќе имаме и конкретни бројки и сума што ќе се инвестира во овој регион. Верувам дека сумата нема да биде со помалку од 7 нули” – истакна Бертолини.

Тој во продолжение рече дека езерото и целиот регион се преубави и треба многу да се вложи да се зачува и развие преспанскиот регион. За ова, рече Бертолони, веќе се направени проекти но потребно е уште вложување за младите да останат тука.

Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, истакна дека Македонија од осамостојувањето е стратешки определена за членство во ЕУ, што меѓу другото ќе значи силна финансиска поддршка и прекугранична соработка.

“Очекуваме нови фондови за реконструкција на улици во Општина Ресен, поддршка за управување со отпадот како и развој на манастирскиот туризам” рече Гошаревски.

Тој кажа дека се подготвува темелна студија за развој на регионот со вклученост од трите страни на Преспа – студијата ја подготвува Европската Унија.

“Ги имаме сите потребни состојки и лидерство за да ги оствариме нашите идеи. Сега е многу добра можност за конкретни програми во регионот Преспа. Следната недела имаме важни разговори за Преспа регионот и вклученоста на ЕУ. Тоа ќе биде само почеток на серијата на проекти и развојот на Преспа” истакна Микарис, советник на градоначалникот во Преспа, Лемос во Грција.

Тој се осврна на регионалната соработка меѓу Грција и Македонија и потенцираше дека сега е право време за зајакнување и интензивирање на односите.

Димитар Низамовски, извршен директор на Младинскиот образовен форум рече дека младите сакаат да бидат вклучени во сите процеси и развојните политиките мора да се градат за нивни потреби.

“За младите најважно е кога ќе се вратат тука да се осетат како дома и да видат дека се работи на развој и промоција на убавите предели како што е овој регион” истакна тој.

Сличен став имаше и панелистката од Албанија, Цвета Трајче, локален координатор на Агенцијата за заштита и презервација на природата во Албанија.

“Наша цел е да направиме се што е во наша надлежност да ги вратиме младите во регионот. Тоа ќе го направиме со промоција, развој и заштита на животната средина. За да некој работи посветено на заштита на околината не треба да биде екологист. Доволно е да ја сака средината каде што живее”, рече Трајче.

Панелот беше модериран од Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт. Денеска на манифестацијата, на плажата во Дупени, ќе има дегустација на традиционални преспански специјалитети и турнир во одбојка на плажа како и еко акција за чистење на Преспа.