Информацијата дека Македонија е најзагадена земја во Европа, објавена од „Еуроњус“, е неточна, невистинита, крајно паушална и несериозна, изјави заменик министерот за животна средина Јани Макрадули на денешната расправа во собранието каде се зборуваше за состојбата со загадувањето.

Според Макрадули, податоците од извештајот на Европската агенција за заштита на животната средина, на која се повикува „Еуроњус“, се заснова на застарени податоци од 2015 и 2016 година.

За пратеникот Влатко Ѓорчев, кој беше предлагач на јавната расправа, и покрај сите ветувања на актуелната власт, додека била во опозиција, за реформите и мерки за загадување на воздухот, досега ништо не е остварено.

Градоначалникот на Град Скопје во своето обраќање рече дека за да се зборува за аерозагадувањето најпрвин мора да се лоцираат конкретните извори на загадување.

Шилегов додаде дека од 39-те мерки потпишани во текот на предизборната кампања изминатата година остварени се 17, започнати се 12, а пет не се во надлежност на градот.

Граѓанскиот сектор предупреди, аерозагадувањето е сериозен проблем кој не смее да се користи за политички поени. Особено загрижува состојбата во локалната самоуправа, посочуваат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“, каде нема координиран и заеднички пристап кон решавање на еден вака сериозен проблем.