Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски остануваат во притвор во „Шутка“, одлучи Апелацискиот суд.

Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, по одржаните јавни седници од 26.11.2018 година, на ден 27.11.2018 година донесе одлуки со кои жалбите на обвинетите Миле Јанакиески од Скопје и Кирил Божиновски од Скопје, изјавени преку нивните бранители ги одби како неосновани и ги потврди решенијата на Основниот суд Скопје I Скопје, со кои на обвинетите им е определена мерка притвор, соопштуваат од Апелацискиот суд Скопје.

Обвинетите вчера на јавна седница пред судиите во Апелација побараа укинување на притворот.

Божиновски пред судиите посочи дека нема намера да бега, а како доказ за тоа го посочи тоа што 17 месеци ги почитува мерките на претпазливост определени од судот.

Според Јанакиески, пак, при определувањето на мерката притвор институциите ги прекршиле законите, конвенциите и човековите права, како и дека СЈО требало да направи проверка со кабинетот на претседателот Иванов и да бидат проверени снимки од безбедносните камери за посетите кај претседателот.