На средбата во кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов одржана на 13 ноември годинава попладнето во 16 часот, покрај Миле Јанакиески, кој ја побарал средбата, бил и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, дознава Пресинг ТВ.

На средбата бил и генералниот секретар на претседателскиот кабинет, Борис Јосифовски и на неа се зборувало за актуелната состојба во државата како и за можностите за надминување на затегнатите односи во државата.

Според извор во кабинетот на Иванов, Пресинг ТВ дознава дека Пешевски и Јанакиески изнеле модалитети за тоа како би можеле тие и уште некои други истакнати поранешни функционери и општествени чинители да направат, односно на кој начин би придонеле за релаксирање на затегнатата политичка ситуација во државата.

Нашиот извор вели дека Пешевски и Јанакиески размислуваат да се упати апел до сите политички партии, а поддршка би била побарана и од меѓународната заедница.

Претседателот Иванов ги повторил неговите познати ставови за актуелните прашања и нагласил дека релаксирањето на ситуацијата во нашето општество е повеќе од потребно.

Во кабинетот на Иванов истакнуваат повторно дека „службената белешка на УБК е фингирана“. Од таму додаваат дека иако официјално е побарана белешката на 14 ноември, таа уште не е стасана до Кабинетот. За овој случај, како што велат нашите извори, е запозната и меѓународната заедница и притоа истакнуваат дека многу симптоматично е што УБК користи идентичен број и на белешката нза Кирил Божиновски и за Миле Јанакиески.

Инаку, вчера во текот на постапката пред Апелацискиот суд во Скопје на барање на одбраната на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, за кои Судот одреди мерка притвор, адвокатите приложија белешка од Кабинетот на шефот на државата, меѓутоа нејзината содржина не беше обелоденета.

Симптоматично е тоа што во службената белешка не се споменува дека на средбата кај Иванов бил и Пешевски, туку се споменува некаков посредник кој се поврзува со наводно планирање бегство на двајцата обвинети. Во службената белешка на УБК не се наведува името на посредникот, па малку е веројатно дека некој мислел оти тој би можел да биде токму поранешниот вицепремиер Пешевски.

Во својата одбрана изложена пред Апелација, Јанакиески рече дека белешката е направена истиот ден кога се дознава за бегството на Никола Груевски и истата наместо да биде доставена до судот, е доставена до СЈО со што, како што истакна, е прекршен член 108 од Законот за кривичната постапка.

Ги оспорувам тврдењето дека бегството на Груевски го засилува фактот дека можам да се дадам во бегство како негов поранешен соработник. Како што знаете јас го осудив неговото бегство во медиумите и реков дека сериозно може да тоа да им наштети на процесите каде и двајцата сме обвинети. Според европската конвенција однесувањето на сообвинител не може да биде фактор во проценка на ризик. Никола Груевски и Миле Јанакиевски не се едно лице, не треба да бидам казнет и жртвуван заради постапките на Груевски,потенцираше екс-министерот.

Јанакиески исто така рече дека ден пред неговото приведување околу 16:00 часот, заедно со уште две лица од кои едното од кабинетот на Иванов,  бил на 90-минутна средба на која тема не била амнестијата, туку иницијатива за актуелната политичка состојба.

И врачувањето на решението кое од службите било направено на 14 ноември во 05 часот наутро Јанакиески го нарече незаконито, бидејќи ниту му била земена изјава, ниту биле известени неговите адвокати. Како доказ дека немал намера да бега, обвинетиот Јанакиески го посочи и фактот што редовно се јавувал на шалтер во судот и не отсуствувал од ниту едно судско рочиште. Како што рече тој, при донесување на решението се прекршени три закони, постапено е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права и членови на европската конвенција за човекови права.

Во образложението на судот не е наведно кое кривично дело е сторено за да се пристапи кон приведување. Нејасно е како решението е изготвено на 14 ноември, а тој беше притворен во 05 часот утрината. Кога заседавал судот од 00:00 до 05 часот сабајлето и донел ваква одлука?, праша одбраната.

Наспроти тврдењата на одбраната, обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова рече дека решението на Кривичниот совет за притвор е законито и издржано.

Апелацискиот суд има рок од 48 часа да донесе одлука по жалбата на Јанакиески.

ПАШАЊА КОИ СЕ НАМЕТНУВААТ:

-Зошто не се применува принципот на субсидијарност, односно во конкретниот случај Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права?

-Според член 3 од Законот за кривична постапка следува кривична одговорност доколку не се провери вистинитоста на доказите, конкретно за вистинитоста и содржината на службената белешка на УБК

-Како е можно службената белешка на УБК две недели да патува и да не стигне до Кабинетот на Иванов и зошто таа наместо до Судот е приложена до СЈО?

-Кому и зошто му требаат вакви работи во време кога се преземаат чекори за реформа на УБК?

-Дали е ова случај кој се користи за притисок за усвојување на уставните амандмани?