Македонското општество и натаму е сé уште длабоко поделено, а оддалечувањето од целта на нашата држава, односно натамошното одолговлекување на процесот на евроатлантските интеграции, само ќе го продлабочи јазот на интра и интеретнички план и дополнително ќе ги засили политиките на омраза, конфликт и предрасуди. Оттуика и потребата политичарите од спротивните „табори“, но и граѓаните, да разговараат, да се научат на дијалог, наместо да се навредуваат и да ги сослушуваат спротивните мислења и ставови, независно колку се тие радикални.

Ова го порачаа учесниците на денешната дебата „Деполаризација на јавниот дискурс: македонскиот невидлив критериум за членство во ЕУ“, организирана од Институтот за општествени и хуманистички науки, во соработка со фондацијата National Endowment of Democracy (NED).

Постои многу анимозитет, омраза и гнев, што се провлекува низ нашето општество подолг временски период. Сега кога сме на прагот на формалното членство во НАТО и пред почеток на преговорите со ЕУ, повторно сме соочени со ново, дополнително поларизирање на односите, недоверба и малодушност. Процесот на помирување не е лесен и едноставен и сигурно ќе трае со години можеби и децении, но, верувам дека мораме да го почнеме од себе и во себе, да тргнеме од нашето непосредно опкружување, од нашите профили на социјалните мрежи, од нашите коментари, ставови, забелешки, од нашето однесување кон пријателите, колегите, соседите, во нашите семејства, рече претседателот Стево Пендаровски.

Тој, меѓу другото, истакна дека влезот во ЕУ и НАТО ќе им ја олесни работата на сите граѓани, пред се на носителите на јавните функции, за суштинско подобрување на институциите и креирање клима на предвидливост, доверба која сега, според него, реално отсуствува.

Но, секако, ниту евроатлантската интеграција нема преку ноќ да ја реши поларизацијата во општеството, поделбите на ваши и наши, свои и туѓи, патриоти и предавници, изјави Пендаровски.

Професорот Трајко Славески делумно се согласи со ставовите на Пендаровски, но укажа дека наместо зборот „помирување“, можеби е подобро да се зборува за „деполаризација“ на општеството. На тоа Пендаровски одговори дека деполаризацијата како термин можеби е „поточен“, но „помирувањето“ е поразбирливо за обичниот човек.

Гордан Герогиев, кој ја модерираше панел-дисксуијата, оцени дека македонското општество упорно, дрско и бескомпромисно му вели „не“ на дијалогот.

Проблемот е – како да се научиме да разговараме меѓусебно, изјави Георгиев.