Едно ТВ-гостување на министерот за надворешни работи Бујар Османи беше доволно да се согледа целото негово лицемерие во однос на руската агресија на Украина. И тоа во област за која самиот вели дека не е негова надлежност. Ама како министер, нели, мора да се разбира во се.

Во емисијата КликПлус на ТВ21, коментирајќи ги редиците пред бензинските пумпи Османи меѓу другото ќе забележи дека од состаноците на Владата разбрал дека тие се предизвикани од шпекулации, зашто имало доволно резерви на нафта. Но, тоа што следеше делуваше фрапантно. Тој ги обвини граѓаните за финансирање на руската армија!

-Граѓаните кои се снабдуваат со нафта од руски компании во земјава, индиректно ја финансираат руската армија, изјави Османи, додавајќи дека Руската Федерација главно се финансира преку извори на енергија, а со нивното купување се финансира руската армија и таму немало никакви дилеми.

За разлика од граѓаните, пак, Османи не ги обвини домашните компании, кои работат со рускиот гас! А, призна дека земјата е 100 отсто зависна од Русија. Ама тие, според логиката на министерот, не ја финансираат руската армија, па дури ни индиректно!

-Ние сме зависни, зависни сме, цела Европа е зависна од руските енергетски ресурси. Потпирањето единствено на обновливите извори на енергија не е одржливо, бидејќи тие не се константни, понекогаш имаат подобар аутпут, понекогаш имаат послаб аутпут. Имајте сончев ден, имајте повеќе струја. Сега гледам дека Европа се свртува кон јаглен и нуклеарна енергија. С.Македонија секако треба да ја преадаптира својата долгорочна стратегија кон енергетските ресурси, изјави Османи.

Поаѓајќи од ваква (анти)логика, Османи очигледно не пресметал колку пари даваат граѓаните за купување руска нафта, а колку компаниите за руски гас и која износ е поголем за да се финансира руската армија во спроведувањето на агресијата врз Украина.