СДСМ со низа мерки во ребалансот на буџетот, продолжува да работи за граѓаните и подобрувањето на животниот стандард, рече денес на прес-конференција Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ.

Таа рече дека освен мерките за зголемување на платите, програмите за вработување на младите, зголемувањето на средствата за здравството, социјалната политика и образованието, подобрувањето на инфраструктурата, ребалансот на буџетот предвидува средства за еколошки проекти, пред се за заштита на Охридското езеро.

Во ребалансот на буџетот се издвојуваат 183 милиони денари за нов колекторски систем, како дел од мерките за заштита на Охридското Езеро. За да се зачува Охрид и неговото природно и културно наследство, впишани во УНЕСКО како светско наследство се издвојуваат средства неопходни за колекторскиот систем, кој со години е пред колапс и предизвикува хаварии и излевања во езерото“, истакна Лазаревска.

Таа потсети дека по речиси четири децении од почетокот на неговата изградба, Владата го презема колекторот за заштита на Езерото од отпадни и загадени води.

Децениската негрижа и големата урбанизација во изминатите десетина години, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, предизвикаа колапс на Охридското крајбрежје и закана Охрид да биде отстранет од листата на УНЕСКО на заштитено светско наследство. Денес, Владата, Општината и сите надлежни институции прават се Охрид и Охридскиот регион да останат на листата на УНЕСКО.

Затоа, посветено и одговорно работиме на исполнувањето на препораките на УНЕСКО. Издвојуваме дополнителни средства за новиот колекторски систем за заштита на нашиот бисер Охрид, за заштита на автентичноста на светското наследство во Охридскиот регион“, додаде пратеничката Лазаревска.