Големите сили продолжуваат да си испраќаат пораки за Македонија, зашто, како што и беше кажано од поранешниот државен секретар на САД, Џон Кери, Македонија е на линијата на огнот меѓу Вашингтон и Москва.

Огнот, секако, не е изгасен и веќе на многу позачестена основа можеме да слушаме како двете „заинтересирани страни“ за регионот си испраќаат пораки или деманти кој и како е инволвиран во случувањата во и околу Македонија. Последна во таа дипломатска низа на пораки е обвинувањето од руското МНР дека амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли, бил присутен во Собранието кога се гласало за амандманите за промена на Уставот, на што Вашингтон реагираше со демант. Москва оваа порака му ја пренела на Вашингтон директно.

Преку руски медиуми се дознава дека „темата Македонија“ била спомната и на разговорите на високо ниво меѓу Русија и САД. Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, го поставил прашањето со „негативното мешање на Западот во Македонија на референдумот на 30 септември и на парламентарното гласање на 19 октомври“ со што се направил притисок врз земјата за уставни измени. Москва и претходно реагираше, иако со многу кусо соопштение, но со јасен став во врска со Преспанскиот договор дека тој не треба да биде донесен под надворешен притисок, туку тој да го постигнат двете земји.

Некои детали што се изнесени во руски медиуми за разговорите меѓу Лавров и советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон (инаку амбасадор во ОН во време на администрацијата на Џорџ Буш) се интересни и покажуваат дека двете страни не го кријат интересот за земјата.

„Му реков (на Болтон н.з.) дека ние сме обвинети не само во САД, туку и во Шпанија, за Брегзит, а сега за се што се случува на Западен Балкан…Им рековме дека молчевме во однос на референдумот во Македонија, додека во Скопје беше шефот на НАТО Столтенберг, министерот за одбрана Матис, канцеларката Меркел…кои јавно и без никаков срам побараа Македонија во интерес на својата иднина да гласа „за“ на референдумот за НАТО и ЕУ само „со промена на своето име“, изјави Лавров, кој подвлече дека референдумот пропаднал, но и оти и покрај тоа парламентот гласал за промена на Уставот.

Руската страна тврди дека мнозинството од 80 пратеници е обезбедено „со поткуп и со ветувања дека нема да се почнат кривични процеси“, сето тоа надгледувано од американскиот амбасадор во Македонија кој бил таму присутен „а кому таму не му е местото“.

Ова Вашингтон го негира. Притоа,треба да се потсетиме на летната дипломатска епизода со протестите во Грција и во Македонија против преспанскиот договор, кои, како што тврдат од Вашингтон и тоа по сериозни разузнавачки активности, зад нив бил Иван Савидис кој тоа го работел по налог на Кремљ. Сега, пак, таа приказна се префрла на сметка на СДСМ и ќе треба да видиме како тоа сценарио ќе се развива.

Но, што Болтон му одговорил на Лавров?

Според Русинот, „тој само се насмевнал и реплицирал дека Македонија е многу комплексна земја“.

-Значи, дали официјално ја отворате сезоната на сите „комплексни“ земји во светот – и можам да претпоставувам кој ги дефинира комплексни – дали тие смеат да гласаат „на спротивен начин“ како што тоа се интерпретира од западните арбитри на демократијата, иако некои во Белата куќа се сметаат за неинтервенционисти, возвратил Лавров.

Некои отидоа до таму што сметаат дека во случајов станува збор за „силување на македонските демократски институции“ од страна на дел од естаблишментот на западниот „дип стејт“ кој насила ја вовлекува Македонија во НАТО.

Конфликтот меѓу екс-министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас со министерот за одбрана Панос Каменос, исто така може да се смета како дел од геостратегиската и геополитичката игра која се одвива меѓу Русија и САД. А, во една таква битка на колоси не е чудо доколку има колатерални жртви. Секогаш и ги имало, насекаде во светот.