Со договорот потпишан во Преспа се предвидени повеќе комисии, што треба да бидат формирани. Една е веќе формирана и се работи за Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе работи на паритетна основа, во согласнот со начелата и целите на УНЕСКО и на Советот на Европа. Работата на овој комитет ќе ја надгледуваат министерствата за надворешни работи на двете страни, односно на Република Македонија и на Република Грција. Сите останатие комисии ќе бидат формирани по целосната ратификација на договорот од Преспа.

Ова е официјалниот одговор на владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, на прашањата што му ги постави Пресинг Тв во врска со почетокот на работата на заедничката македонско-грчка комисија. А, прашањата гласеа дали постои координација меѓу премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров околу тоа и ако постои, тогаш на што се должи разликата во ставовите меѓу премиерот и на првиот човек на нашиот дел од комисијата, амбасадорот Виктор Габер.

Амбасадорот Габер во разговор за државната агенција МИА токму вчера изјави дека почетокот на работата на заедничкиот комитет треба да се случи на крајот од оваа недела во Солун, може да трае еден или два дена и на неа треба да се утврди динамиката на средбите, како и да стане збор за рамката на разговорите. Пред оваа, како што рече, прeтстои воведна средба со неговиот грчки пандан, заменик министерот за надворешни работи Маркос Боларис.

Само неколку часа подоцна премиерот Заев, одговарајќи на прашање на пратеничката од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Магдалена Манаскова, во врска со тоа кој одлучил за составот на македонскиот дел од заедничкиот комитет, изјави:

Заедничкиот македонско-грчки комитет на експерти на Македонија и Грција не може да почне со работа пред ратификацијата на Договорот од Преспа во двете земји, додавајќи притоа дека Договорот (со Грција н.з.) прецизира во кои области ќе работат комисиите.

Премиерот објасни дека целта е да се  отстранат сите оние работи, кои предизвикувале иредентизам, или се спротивни од желбата за градење на пријателство, за меѓусебно признавање, прифаќање или слично. Низ пријателството ќе се отворат други перспективи за многу граѓани, пред се, граѓани и од Македонија и од Грција, што дефинитивно ќе биде од помош во сите сфери од општественото живеење.

Овој благ премин од заедничкиот македонско-грчки комитет на експерти, кој не  може да почне  со работа пред ратификацијата на договорот, на другите комисии, што допрва ќе треба да се формираат, очигледно, најблаго речено, беше нов лапсус на премиерот Заев. Но, официјалниот одговор на владиниот портпарол упатува на тоа дека лапсусот, всушност, не бил лапсус. Уште помалку некаква некоординираност меѓу премиерот и министерот за надворешни работи. За амбасадорот Габер и да не говориме. Заедничкиот комитет почнува со работа и тоа не е спорно.