Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој во рамки на престојот во Вашинготн вчера имаше средби во Конгресот, а денескa работно ги посети Стејт департментот и Белата куќа, во изјава за МИА потврди дека во двата комитета за надворешна политика, на Сенатот и на Претставничкиот дом, била започната процедура за ратификација на Протоколот за влез на Македонија во НАТО

-Ова е многу позитивно и невобичано брзо, што зборува за желбата и поддршката од САД за ратификација. Сега зависи како во самиот Конгрес ќе оди самата постапка, но процесот е започнат, изјави Османи.

Тој укажа дека нацрт-резолуцијата за поддршка на Преспанскиот договор подготвена од сенаторот Рон Џонсон, претседавач со Комитетот за домашна безбедност и владини прашања при Сенатот на САД, што идната недела оди на усвојување во Сенатот, треба да има позитивен ефект во охрабрување на забрзување на процесот за ратификација на Протоколот.

-Резолуцијата ќе има позитивен ефект како овде така и кај другите земји членки на НАТО чии парламенти исто така треба да го ратификуваат приемот на Македонија, истакна Османи.

Вицепремиерот очекува зголемување на американските и другите странски инвестиции со приемот на Македонија во НАТО.

-Од осамостојувањето на Македонија до денес САД имаат инвестирано 637 милиони долари, најголем дел преку УСАИД, и друг дел преку директна поддршка во буџетот. Очекувам поддршката да продолжи. Членството во НАТО создава неопходна политичка и економска предвидливост со што странските директни инвеститори ќе се охрабрат да дојдат во Македонија следејќи го патот на другите земји, како Германија,рече Османи.