Дали по скандалозната анкета во полза на власта, што ја изготви бугарската експозитура на Брима во Македонија, ќе се соочиме со уште едно подметнување од страна на Софија?
Ова прашање не е случајно, зашто случајности во политиката нема, а се наметнува по отвореното писмо на првиот човек на Фондацијата Македонија, Виктор Стојанов, до директорот на Државиот завод за статистика, Апостол Симовски. Писмото добива на тежина и со тајмингот во кое се испраќа, со својата содржина, но и со последната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев за надминување на ветото на Софија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Според пишувањето на Стојанов, овојпат на удар се најде пописот во Македонија, што треба да заврши на 30 септември. Меѓутоа, аберот во најмала рака може да се протолкува како обид, ако не и целосна компромитација на статистичката операција, што на крајот ќе „произведе“ 120.000 Бугари во Македонија.
А, поводот за писмото е, всушност, неодамнешната изјава на Стојанов дека во првите денови од пописот биле попишани само 73 Бугари, како и одговорот на директорот Симовски, парафразирано, дека таквото тврдење е чиста глупост, зашто никој нема пристап до податоците.
Само за потсетување, Стојанов е човекот, кој направи парада на граничниот премин Деве Баир со бугарските книги за македонските Бугари во Македонија и многу веројатно е дека е дел од бугарските служби, што сега има улога на обичен провокатор.
Но, еве што меѓу другото тој му пишува на директорот Симовски:
„Господине Симовски, знам дека во Вашиот „завод“ произведувате статистики, што вклучуваат во себе многу инжинеринг и искрено му благодарам на оној што ја именувал Вашата статистистичка служба „завод“- коректно и точно.
Но, си мислам, г-не Симовски, дека патите од професионална деформација (таа појава се набљудува често кај работници што работат во заводи) и механички се искажувате во однос на едно реално и хуманитарно прашање поврзано со чувството за етничка припадност на десетици илјади, Ваши сонародници, кои деновиве се борат со еден страв, кој 5 генерации пред Вас се гради и надградува.
Ја разбирам Вашата челична заводска натура, но Ве замолувам да приоѓате почовечки кон тоа толку деликатно прашање- пописот и Бугарите во него. Ми се чини дека ја потценувате бугарската држава и служби, имајќи го предвид фактот, која компанија го произведе и менаџира софтверот на Попис 2021. Најверојатно затоа велите дека било глупост да се знае во моментот некаква приближна бројка на попишаните како Бугари, Ваши сонародници.
Ве молам не не потценувајте и нас од Фондација Македонија, бидејќи ние имаме луѓе во Вашиот близок круг, да, Вие сте добар менаџер, но имајте предвид дека РС Македонија е земја, од која информациите течат како од кофа со 11 дупки. Се изнаслушавме низ годините на записи со Ваши државни раководители од оваа или онаа афера.
Со најдобри намери, се обраќам кон Вас, бидете така добар да им се извините на Бугарите во РС Македонија, за своите зборови, да не создавате во нив додатен страв и да ја потценувате ситуацијата со Попис 2021 година…“.
Писмото во целост го пренесува Трибуна.мк.
Игрите со пописот започнаа уште во март годинава, пред неговото одложување. Уште тогаш имаше барање од Бугарија да добие по еден примерок од пописните формулари, но директорот Симовски тогаш го отфрли барањето со образложение дека такви податоци не смеат да се даваат.
-Никој не може да добие формулар од некој како се изјаснил, тие податоци не смеат да се даваат јавно и тоа важи за сите земји во светот. Не е само Бугарија, и други го барале тоа од нас, за да им доставиме како се изјасниле во пописот, но никој не добил ниту пак ние имаме право да даваме ваков податок…Базите се наши и никој друг нема пристап, ниту фирмата која ја направила апликацијата. Во базата може да влезе само претходно проверено лице со сертификат, дури ни јас не можам да влезам во базите, изјави Симовски („Бугарија барала да види како некои лица се изјасниле на попис, но не добила“, Радио Слободна Европа, 3 март 2021 година).
Истата слика се повтори и сега, на самиот официјален старт на пописот. Членовите на клубот на македонските Бугари од Битола, „Иван Михајлов“, како и самиот Стојанов преку својата Фондација побараа прокламираните лица со бугарска свест во Македонија да добијат по еден примерок од пописниот формулар, со што истата ќе ја докажат и пред надлежните бугарски институции, посебно оние за издавање на државјанство и пасоши. Во спротивно, Стојанов предложи на оние кои веќе имаат бугарско државјанство и пасош да им бидат одземени.
Како и да е, колку и да тврди директорот Симовски дека никој нема пристап до базите на податоци, па и самата фирма производител на софтверот, писмото на Стојанов отворено упатува на сомневање, ако не и на заклучок дека целата операција се одвива под строга контрола на бугарските служби. И кој може целосно да ја исклучи можноста од (зло)употреба на софтверот за „производство“ на 120.000 македонски Бугари во Македонија, бројка со која вчера се користеше и претседателот Румен Радев?! Ако може власта да ја користи бугарската Брима за да го креира наводното предизборно расположение во земјава, тогаш сосема легитимо е и прашањето дали и за пописот не бил случаен изборот на бугарската софтверска фирма, како прв чекор кон вештачко зголемување на бројот на македонските Бугари, што би буило алиби за прифаќање на бугарските барања за почетокот на преговорите со ЕУ!!!
По вчерашната средба со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, претседателот Радев меѓу другото изјави дека 120.000 бугарски државјани во С.Македонија се државјани на ЕУ и дека Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективно почитување на нивните права.
Comments are closed for this post.