Во Баку, Азејберџан денеска почнува 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

На овој состанок се очекува да биде донесена одлука и да биде дадена препорака за идниот статус на светското природно и културно наследство на Охрид, врз основа на забелешките од мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017 година. За состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион се очекува Комитетот да дебатира на 3 или 4 јули, во зависност од обемноста на дискусиите на претходните точки на дневниот ред. За нацрт-одлуката треба да се изјаснат 21 земја членка на Комитетот.

Во последниот нацрт-извештај на Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации (УНЕСКО) препорачува природното и културното наследство на Охридскиот Регион да биде ставено на листата загрозени светски наследства. Барањето на организацијата е последица на недоволниот капацитет на институциите во државата да се справат со проблемите, како и постојаните закани кон заштитеното подрачје преку големите инфраструктурни и развојни проекти.

УНЕСКО констатира дека Охридскиот Регион се соочува со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.

Опозициската партија прстот го впери кон градоначалникот Константин Георгиески, дека тој ја охрабрува урбаната мафија во Охрид и покрај сериозната закана градот да ја загуби титулата од УНЕСКО. Од ВМРО-ДПМНЕ велат треба веднаш да бидат срушени последните дивоградби. Како што посочуваат УНЕСКО реагира за диворадбите и бара нивно уривање како хотелот во Лагадин, минарето, бетонската база и сите други кои имаат прекршувања на Законот за градење.

Во меѓувреме по препораките што беа нотирани од страна на Комитетот градоначалникот Константин Георгиески дал налог да се изработи регистар на нелегални градби за подрачјето на општината.

Во оваа електронска база на податоци, охридската локална самоуправа внесе вкупно 1.076 предмети за кои, во периодот од 2006 до мај 2019 година, инспекциските служби имаат констатирано прекршувања на Законот за градење и имаат донесено акт со кој се утврдува нелегална градба.