Руските комичари, или пранкери, Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати како Вован и Лексус, успеале да дојдат до бројот на македонскиот премиер Зоран Заев и лажно претставувајќи му се како претседателот на Украина, Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберег, повеќепати да разговараат со него. Во снимката објавена на Јутјуб, во должина од речиси еден час, тие велат дека се споени три разговори со Заев, направени во август 2018, јануари 2019 и април 2019. Премиерот Заев ги потврди разговорите.

Не навлегувајќи во целосната автентичност на објавената снимка, Пресинг ТВ тргна во потрага по информација колку пати во текот на последната година вистинскиот Заев и вистинскиот Столтенберг разговарале телефонски и дали може да се знае за содржината на тие разговори?

Откако на официјалниот претставник на НАТО му дообајснивме во кој контекст го прашуваме ова, односно дека сакаме да направиме разлика меѓу лажните и вистинските разговори, писмениот одговор гласи:

Генералниот секретар со лидерите на членките на НАТО и на земјите партнери се консултира на редовна основа. Во нив, секако спаѓа, и премиерот Заев. Ние не навлегуваме во спецификите и модалитети на тие контакти. Последен пат двајцата се сретнаа на 3 јуни 2019 за време на посетата на Скопје на Северноатлантскиот совет и генералниот секретар на НАТО“, се вели во писмениот одговор.

Официјалниот претставник на НАТО во Брисел додава дека генерално во сите тие контакти со премиерот Заев, Столтенберг го поздравил „постојаниот придонес на Северна Македонија за евроатлантската безбедност“.

Тој, исто така, ја истакна подготвеноста на атлантската алијанса да ја пшоздрави Северна Македонија како своја 30. членка и користа која Северна Македонија ќе има има од челнството за безбедноста на земјата, за регионланата стабилност и за евроатлантската безбедност“, се наведува во одговорот на претставникот на НАТО.

Инаку, според податоците кои можат да се најдат преку интернет, Столтнеберг и Заев телефонски разговарале во октомври 2018 година, за тоа соопштила македонската влада. Разговорот бил за уставните измени, при што Заев рекол дека пратениците ги надминале партиските разлики за доброто на државата и донеле голема одлука. Столтенберг му честитал за успехот со кој ќе продолжи имплементацијата на Договорот од Преспа.