Дека славеничката торта не мора секогаш да ја засладува душата покажа одбележувањето на 31-годишнината од формирањето на Социјалдемократскиот сојуз на Република (денес Северна) Македонија. Партијата што сѐ уште формално се води под акронимот СДСМ се гостеше во име на денот кога од СКМ – ПДП стана СДСМ, кога беше сменет Петар Гошев, а нов лидер стана Бранко Црвенковски, пишува Панде Колемишевски во својата колумна за „Нова Македонија.

Ден кога преку внатрешна реорганизација и комсомолска кадровска реконструкција старата партија доби ново општествено лице и ја промовираше социјалдемократијата како примарна идеологија на местото на социјализмот и комунизмот. Време кога Македонија сѐ уште трепереше под налетот на извесноста за пропаѓањето на Југославија и неизвесноста за самостојност во која било форма.

Оние што пред неколку дена јадеа од слаткиот колач сигурно не пијат од изворот што го ископаа основачите пред 31 година. Тој првороден кладенец одамна е затрупан со земја. СДСМ денес е далеку од него мерено со милји, далеку од идеалите, очекувањата и надежите.
Нема никакво сомневање дека СДСМ и како владејачка партија и како опозиција дала придонес за осамостојувањето и за државотворноста. Тој придонес се огледа и во доградбата на старите и во оформување нови национални институции, во какво-такво справување со актуелните финансиски кризи предизвикувани од долготрајната транзиција нагризена со неправедната приватизација, затворањето на фабриките и големата безработица од тие причини.

Во листата на успесите, со сите критички забелешки, секако се вбројува посакуваното приближување до Европската Унија и, секако, приемот во НАТО, несомнен политички државен дострел. Иако за тој чин Македонија скапо плати, а не доби речиси ништо конкретно. Под тоа конкретно не се подразбираат подарените стари, неупотребливи САД-хаубици, туку долари и евра за нужен развој, кои не стигнуваат на македонска адреса.

Но што се крие друго, што посуштински се прикрива зад таа, наводно, успешна фасада?
Ако некаде, ако во нешто потфрли Социјалдемократскиот сојуз, тоа е што клекна на колена по македонското прашање, по обезбедување стабилна историска иднина на македонскиот народ.

По тој „вопрос“ го урниса аманетот на претходните генерации, го доведе на раб на историски и научен опстанок сето она што Македонците го стекнале низ борба, со крв и жртви. Сѐ пораширено е мислењето дека колку што СДСМ станува проевропска партија, толку помалку е македонска. Би бил претеран изразот „антимакедонска“, но нејзината политика во последните години дава основа и за тоа претерување. Колку што се ближи кон Европа, толку ја заборава сопствената земја.

По потпишувањето на Спогодбата со Грција и промената на името на државата, особено по тотално погрешно прифатениот Договор за пријателство со Бугарија, Македонија не е истата држава. Не е подобра, како што би се очекувало по такви „мировни“ договори, како што се случувало со сите држави во светот. Не само во домашните туку и во меѓународните односи, Македонија е во полоша позиција од претходно, за жал. Уставно крајно нејасна и искомплицирана, национално разнебитена, меѓунационално и режимски хибридна, јазично неразјаснета, пописно сомнителна, економски заостаната, социјално сиромашна, кадровски опустена.

На надворешен план недоволно сфатена, изигрувана, притиснувана, излажувана, понижувана. Оставена пред затворени врати за прием во ЕУ, уште не стигнала да има канцеларија барем до тоалетот, што би се рекло фигуративно.
Како што се менуваа лидерите на СДСМ така партијата се оддалечуваше од изворните, оригинални идеи, од замислите и идеалите каква треба да биде Македонија во услови на самостојност.

Од програма до програма – убави и големи зборови, а мали дела и грди постапки. Од лидер до лидер сѐ подолу и подолу, на ниски скали, а со ниски страсти. Сите што биле предводници имаат улога и удел во падот – од Бранко, преку Бучко, до Радмила и Заев.

Последниот партиски цар што неодамна абдицира ќе биде тема за историјата. Ако првите ја начнуваа партијата, последниот ја пикна во црна земја, во жив песок. Со партијата во тој глиб ја втурна и државата. Неговата влада ѝ нанесе тежок, срамен пораз, на сопствената партија, ги урна авторитетот и довербата кај мнозинство граѓани и ја инвалидизира на подолго време.

 

 

Очекуван и донесен како последна надеж за спас од злосторничкото здружение на владата на Груевски, летајќи на крилјата на Шарената револуција, освојувајќи ја власта, Заев го покажа вистинското лице, сосема различно од благиот наивен изглед. Вистина е дека она што не можеше, односно не сакаше да го направи кој било друг од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ го направи тој.

Се колнеше пред Бога, во родители и деца дека такво нешто нема да се случи, но сите ги предаде пред трипати да закукурига петел. Сѐ уште не се знае за триесетте сребреници, но факт е дека се согласи за промена на името, потпиша антимакедонски договор со Бугарија. Тоа се товари што ќе се носат со децении и кај генерации. СДСМ, денес или утре, треба да најде сили да им се извини на Македонците за свесно сторените (не)дела.

Не може со сигурност да се тврди дека му било намера да почне процес на соединување на двете држави во една, за прифаќање на тезата дека Бугарите и Македонците се еден народ во две држави, но многу претпоставки одат во таа насока. Тие претпоставки најотворено ги истакнуваат основните бугарски негирања дека нема македонски народ, нема македонски јазик и писмо. Сѐ е бугарско, според бугарското толкување на потпишаниот договор, иако такво нешто не пишува ни на црн ѕид, а камоли во договорот.

Таа бела книга – црно писмо ја врати Македонија во 19 век, по заслуга на Заев. Едно и побезболно е што ги затвора вратите на Европа, болно е што ги отвори сите темни врати внатре во земјата.

Дебело, масивно оловно наследство им остави Заев на наследниците што добија негова тапија. Со тапијата им ги предаде во раце и системот и хардверот и софтверот. Иста цел – друго растојание, продукти изведени со политичко клонирање. Истиот молк за разговорите со Бугарија, продавањето финти со наивна тајност и детинска радост, детински ум и детински постапки. Форсирање некаков дипломатски, немушт јазик, змиски говор, алиби фрази, празни ветувања. Апсурдот се огледа и во тоа што манифестираната позитивна енергија носи негативни резултати.

Заслепени од власта, во СДСМ не гледаат или не сакаат да видат што се случува.

Одмолчуваат за Грција, одмолчуваат на понижувањата од Бугарија, на омаловажувањата од бугарските највисоки власти на македонските граѓани, на нивно сведување на Македонците на сталинистичко историско ѓубре, на чие сметиште се нивниот јазик, писмо, култура, традиции. Го релативизираа скандалот со Ванчо Михајлов, како што се мајстори да релативизираат сѐ друго што не им оди во прилог. Во таа смисла, македонската власт може да се спореди со вљубено момче во својата мома што се труди да не ја навреди со ниту еден збор, со ниту една постапка иако е свесно дека таа го лаже, го изневерува и се секса со кого стигне.

Како што се знае, власта на Заев, заедно со СДСМ, беше глува за расположението на мнозинството Македонци околу договорите со Грција и со Бугарија. Таа глувост ѝ донесе дебакл на локалните избори.

Неколкуте негативни искуства од последниве неколку години се доволен сигнал партијата да се доближи до мнозинството граѓани, особено по македонското прашање. Освен, ако доближувањето до Бугарија и претопувањето на Македонците во бугарска националност не се зададена задача од ЕУ – САД и како такви се обврска и определба на Социјалдемократскиот сојуз и Владата во која партијата има тенко мнозинство.