Македонската страна пред почетокот на новата сесија на Заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за историските и образовните прашања треба на бугарската да и достави свои размислувања за идеологот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев. Новата сесија треба да се одржи во четврток и петок наредната недела.

Според најавите, на средбата треба да се разгледа извештајот за едногодишната работа на комисијата и да продолжи усогласувањето на препораките на двете страни за учебниците по историја од античкиот период.

На последната средба во Софија, судејќи според реакциите, што преку медиумите пристигнаа, пред се, од бугарска страна, Гоце Делчев треба да се најде во центарот на вниманието. И притоа, ни помалку, ни повеќе, да се одреди неговата национална, бугарска припадност. Но, останува да се види дали работите ќе се одвиваат навистина во тој правец. Зашто, се претпоставува дека се додека бугарската страна не прифати дека Гоце и организацијата, што ја предводел, се залагале за македонска држава, решение тешко дека ќе се најде.

И навистина, како би се разговарало за тоа што Гоце Делчев бил според националност кога не е жив за да го прашаат што бил – Македонец или Бугарин?! А, во овој контекст, бугарскиот портал Фактор во февруари годинава објави текст на Владимир Перев со наслов „Ако Гоце Делчев бил и Бугарин и Македонец, може ли да биде и Турчин и Грк!“. Неговото образложение за ваквата дилема се сведува на фактот дека бил роден во Кукуш или Килкис, според Договорот од Преспа, што ќе рече во Грција, а истовремено бил и турски поданик, односно роден во турската Отоманска империја!

Но, во пресрет на сесијата непобитен е фактот дека бугарската страна настојува максимално да ги радикализира состојбите, особено во своите настапи во Европа поврзани со македонскиот јазик. Неодамна нивните медиуми го скандализираа ставот на македонската Влада, потпишувањето на спогодбата за статусот и контролата на бегалците  со службата за безбедност на границите на Европската унија (ФРОНТЕКС) да биде на македонски јазик.

За потсетување, првичен предлог на Европската комисија бил текстот да го содржи изразот „потпишано од јазиците на соодветните страни“. Македонската Влада, меѓутоа, се спротивставила со образложение дека тоа не е стандардна формулација за овој тип клаузули во спогодбите на ЕУ, што вообичаено се потпишуваат „на сите јазици на ЕУ“ и на конкретниот јазик на другата страна. Што ќе рече на македонски јазик, кој е и официјализиран со Договорот од Преспа. Наспроти ова, пак, бугарските претставници и дипломатијата сега лобираат и инсистираат македонскиот јазик да биде користен во фуснота!

Згора на ова се се почестите информации дека официјална Софија инсистира Македонија да оди во пакет со Албанија во пристапувањето кон ЕУ, без оглед на индивидуално (не)постигнатите реформи.

Ваквиот став на Софија најблаго речено зачудува, зашто во суштина излегува дека добрососедството го става во втор план и се ободува да ја злоупотреби алатката вето, чија лекција очигледно добро ја совладала од грчкото однесување спрема Македонија. Оттука и употребата на Договорот за добрососедство за меѓупартиска политичка пресметка во Бугарија, каде се почесто се јавуваат радикални елементи, кои настапуваат од позиции дека е потребен анекс на договорот или сосема нов. А, за тоа, нормално, вината да падне на македонскиот дел од комисијата и Македонија во целина.