Сеад Кочан утрово го примил решението од Основниот кривичен суд дека треба веднаш да се јави во затворот „Идризово“ на издржување на затворската казна. Доколку Кочан денеска не се пријави во затворот во Идризово, судија за извршување на санкции ќе побара од МВР  тој стражарно да биде пренесен во затворот.

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, вчера ја одби како неоснована жалбата на Кочан со која се бараше  одлагање на извршување на затворската казна.

„По разгледување и ценење на жалбата, советот донесе решение со кое жалбата ја одби како неоснована и го потврди решението на судијата за извршување санкции според кое осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна, а одлуката на советот е писмено изработена и експедирана до странките“ соопштија од Судот.

Кочан е осуден на затворската казна од 4 години и 8 месеци за случајот „Труст“.

Тој  неколкупати бараше одложување на издржувањето на затворската казна, но судот му ги одби барањата.