На почетокот на декември ќе биде одржана заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија.
Седницата ќе се совпадне со пуштањето во употреба на дел од автопатот „Струма“ меѓу Кресна и Сандански, соошти бугарскиот премиер Бојко Борисов по денешната средба со претседателот на македонската Влада, Зоран Заев, во Софија.
Борисов пред новинарите ја повтори информацијата дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој побара азил во Унгарија, никогаш ниту барал, ниту му е издаден бугарски пасош, како што објавија некои унгарски медиуми.
Македонскиот премиер Заев рече дека имал конструктивна средба со Борисов која е резултат, како што посочи, на потпишаниот Договор за пријателство меѓу двете земји. Тој рече дека билатералните економски односи се развиваат исклучително добро, трговската размена се проценува на околу 500 милиони евра, а целта е наскоро да достигне милијарда.
Се работи на отворање нови гранични премини Делчево-Невестино и кај Симитли, а напредува и проектот за железничко поврзување меѓу Софија и Скопје, како и за гасоводната инфраструткура од Петрич кон Струмица, информираше Заев.
Република Македонија, според БТА, ќе го обнови споменикот на полковникот Константин Каварналиев, што бил урнат во 1966 година во акција за уништување на бугарски воени споменици во Југославија. Ќе се обнови и плочата на загинатите стотици бугарски офицери и војници во битката во 1916 година на Кајмакчалан за време на Првата светска војна, соопштил уште премиерот Заев.
Заедно со Бојко Борисов одбележуваме празници и важни датуми, рече Заев и како примери ги наведе чествувањата на 24 мај и на Илинден.
Comments are closed for this post.