И премиерот Зоран Заев и минсиетрот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, беа свесни дека Никола Груевски не се крие во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, но сепак, одлучија евтин театар за јавноста вознемирувајќи членови и активисти на партијата со претреси и притисоци, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што истакна партискиот портпарол, Наум Стоилковски, одговорноста за движењето, за методите и за начинот на бегството на Никола Груевски е во власта, кај аболицираниот криминалец Зоран Заев и кај неговиот одговорен министер за прогон и терор, Оливер Спасовски. Затоа, како што посочи Стоилковски, тие двајца мора да си поднесат неотповикливи оставки заради нефункционирање на институциите и разорувањето на Република Македонија.

Заев и министерот за прогон и терор Оливер Спасовски мора да престанат да ја лажат јавноста. Тие во рацете ја држат целата безбедност и во такви услови велат дека не знаеле за движењето на Никола Груевски? Груевски е човекот против кого и со години тие водеа политичка хајка, фрлаа со дрва и камења и го третираа и го третираат како државен непријател број еден и сега сакаат да кажат дека не знаеле каде бил, каде се движел, на кој начин им избегал? Го злоупотребуваат бегството, го прикриваат својот дебакл со лажно вперување на прстот кон ВМРО-ДПМНЕ. Ги впрегнаа институциите и во политичкиот прогон во полна смисла на зборот притвораат лица кои редовно ги исполнуваа обврските кон судот. Овие притворања се политичка казна, а не правна санкција. Ова е уште една злоупотреба на институциите за нивни политички цели – изјави Стоилковски.

Како што додаде портпаролот, политичката хајка организирана од Заев и Спасовски не е само прогон против ВМРО-ДПМНЕ, тоа е прогон против критичката мисла, напад врз слободата и таквото однесување мора да сопре.