Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја продолжува европската турнеја и по средбата со францускиот претседател, Емануел Макрон, на ред е посета на Берлин и разговори со германската канцеларка Ангела Меркел. Потоа Мицотакис патува за Холандија, а на 24 септември, во рамки на Генералното собрание на ОН тој најверојатно ќе се сретне и со американскиот претседател Доналд Трамп. Таа посета се работи подолго време, и е многу веројатно дека ќе биде и реализирана. Се ќека конечната потврда од Белата куќа.

Што може да се очекува од разговорите Меркел-Мицотакис во четврток во Берлин? Со ова се занимаваат не само грчките медиуми и аналитичари, туку поголем простор му дава и Дојче веле. Причината е едноставна – подолго време односите на релација Берлин-Атина не се на потребното рамниште, а сега се гледа можност тие да се подигнат на повисоко ниво на меѓусебна доверба. Главна цел, пак, на Мицотакис, е да ја смени диоптријата на светските центри на моќ и на политиката во однос на Грција, особено по периодот на финансиската криза и големиот долг кој уште долго ќе го враќа.

Сликата доволно кажува каква била атмосферата на разговорите Самарас-Меркел

Последен премиер кој бил во Берлин од редовите на Нова демократија (на Мицотакис партијата) бил Андонис Самарас во септември 2014 година. Дојче веле во анализата наведува дека „посетата била неуспешна“. За вакво нешто алармирал претходно и грчкиот амбасадор во Берлин, но Самарас решил да ризикува, што се покажало погрешно. Веројатно не го прочитал добро психолошпкиот портрет на Ангела Меркел. Но, и на еден Волфганг Шојбле, еден од клучните луѓе во ЦДУ и во германската влада, кој воопшто не верувал дека владата на Самарас-Венизелос може да ги спроведе неопходните реформи.

Игра на погрешна карта

Самарас играл на картата со СИРИЗА – ако дојде Алексис Ципрас на власт, значи левица, тоа ќе значи дека Грција излегува од еврозоната. Но, Берлин не се исплашил од левицата.

Дури ќе се покаже дека Ципрас подобро ќе помине кај Меркел отколку поблиските како политичка опција грчки конзервативци. Па дури растот на популарноста на СИРИЗА Германија ќе го види како шанса. И тоа шанса не само за програмата за спас на Грција и на еврозоната, туку и за решавање на едно од најгорливите реагионални прашања – проблемот со името кој Грција го наметна врз својот северен сосед Македонија и која успеа да го продаде како меѓународно прашање.

Воспоставиле односи на меѓусебна доверба: Ципрас и Меркел

Заклучокот е дека Меркел имала доверба во Ципрас и дека заедно соработувале многу добро. Сега е тоа минато, зашто Ципрас ја плати цената на своите политики, па дури и играњето по германски ноти. Сега тој е во опозиција, а на чело на Владата е повторно Нова демократија и Киријакос Мицотакис.

Анализата на Дојче веле оди во насока дека релациите меѓу Меркел и Мицотакис имаат големи можности и оти тие можат да се развијат и подобро отколку тие со Ципрас. Едно од клучните прашања кои тоа ќе го тестираат ќе биде Преспанскиот договор, за што Мицотакис и Нова демократија до неодамна имаа негативен однос. А, тоа нема да биде примено со добра волја од Берлин зашто премногу инвестираше во Преспанскиот договор. За Германија тој договор е решение на еден проблем кој за Македонија ќе ги отвори и вратите за членството во НАТО и ја држи земјата на патот кон ЕУ, а од друга страна „ги спречува Русија, Кина па дури и Турција во обидите да имаат влијание во земјата“.

Конзервативецот заплива во прагматични води

А, Берлин подвлекува дека Мицотакис и покрај тоа што се противеше на Преспанскиот договор, па најавуваше дека ќе се обиде да го поништи, на крајот заплива во прагматични води и јасно стави до знаење дека меѓународните договори мора да се почитуваат (pacta sunt servanda).

Но, и покрај позитивната атмосфера пред нивната прва средба во својство на премиери, сепак, се остава времето да го тестира пријателството не само на Меркел и Мицотакис, туку и меѓу двете држави, а има и други прашања за кои ќе треба време за да се види грчката реакција. На пример прашањето со имиграцијата, регионалните безбедносни прашања и секако барањето кое Атина го достави за воени репарации за штетата која ја направила нацистичка Германија. Тоа не е само емотивно прашање, туку и изразено во најмалку 300 милијарди евра.