Економијата во државата тоне и тоа е вина на неспособноста на Зоран Заев и криминалниот картел кој што е на власт. Тие покажаа дека немаат капацитет да го реализираат тоа што самите си го проектирале како капитални инвестиции, рече Димче Арсовски портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Катастрофата во економијата која што ни се случува е резултат на исклучително ниското ниво на реализација на капиталните инвестиции од само, замислете, 27,4%. Замислете за девет месеци само 27,4% реализација, не е ниту една третина. Реалноста е дека во 9 месеци оваа власт не реализирала ниту третина од тоа што го проектирала во врска со изградба на патишта, болници, училишта, енергетски капацитети, детски градинки, инвестиции во земјоделието, образованието, здравството и сите други сегменти во државата – рече Арсовски.

Тој потсети дека СДСМ ветуваше 600 километри автопат, 550 километри магистрални патишта и над 1.100 километри локални патишта до крајот на нивниот мандат, а веќе половина од нивниот мандат помина, ништо од тоа не е почнато, дополнително се крати и на работи кои што се неопходни за функционирањето на државата.

Нема пари ниту за клиничката болница во Скопје, ниту за клиничката болница во Штип. Се крати на секое ниво во државата. Вистинските приоритети за државата, не се и приоритети и за оваа власт – истакна Арсовски.