Во Скопје треба да се смени менталитетот и Македонија не би требало да влезе во НАТО со ваков менталитет, изјави, меѓу другото, во својот настап во емисијата „Недела 150“ на БНР, вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Тој изрази незадоволство од отсуството на напредок во работата на бугарско-македонската комисија, која работи на уточнување на заедничкото историско наследство. Каракачанов ги критикува бугарските претставници во комисијата, кои, според него, не настапуваат доволно цврсто на позициите на Бугарија.

Настапот на бугарскиот вицепремиер следуваше по реакцијата на македонското МНР во врска со неговата изјава околу (не)постоењето на македонскиот јазик. МНР на Македонија потенцираше дека таквите изјави можат да не одалечат едни од други и можат да создадат непријателство, наместо пријателство.

Но, Каракачанов во својот настап на БНР отиде и чекор натаму, нагласувајќи дека како човек кој се залагал за потпишување на договорот за добрососедство, „не сака да излезе глупав“.

Јас не сакам да останам како глупак, кој тргнал со добра намера да им помогне на луѓе да тргнат по еден прав пат, да се осознаат и да станат нормални луѓе, ајде да не кажам дупли Бугари, рече тој.

Според него, од македонска страна во комисијата има нахалност и интенција да се инсистира на формулации, кои, како што вели, немаат ништо заедничко со историската вистина. Притоа, тој се послужи со примерот на цар Самоил, кој, според членовите на македонската комисија, бил претставен и како „цар кој се борел и против Бугарите“.

Извинете, но во таа перверзија каде да го најдеме компромисот меѓу историскиот факт дека цар Самоил е Бугарин и грубиот фалсификат дека тој Самоил војувал и против Бугарите? Јас мислам дека тука воопшто не треба да бараме некаква златна средина, зашто во вистината нема златна средина, вели Каракачанов.

На бугарскиот вицепремиер му пречи и прославата на 11 Октомври во Македонија како ден на почетокот на антифашистичката борба против бугарскиот окупатор. И тоа, вели, ти „било европска вредност“. Притоа, самиот кажува, што се случило на 11 октомври 1941 година.

Една група марксисти-комсомолчиња го убива дежурниот полицаец пред полициската управа во Прилеп. И што се покажува. Убиениот полицаец е татко на четири деца и граѓанин на истиот град Прилеп. Каде е сега тој бугарски окупатор, каде е таа битка, каде е тоа востание. Само што истите тие луѓе, кои пишуваат, празнуваат, организираат и држат говори на тој ден, 11 октомври, политичарите во Скопје не кажуваат дека окупаторот, царска Бугарија, од 41 до 44 година инвестира 41% од својот буџет во Македонија. Македонија претставува околу 22-23 % од територијата Бугарија, но за три години добива по 40% од буџетот за патишта, училишта, производство, земјоделство и т.н, потенцира Каракачанов.

Тој е дециден дека до 1944 година сите борби во Македонија се бугарски борби.