Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески е можно да го засили Уставниот суд, односно да го пополни едно од трите испразнети места. Тој за “Фокус” потврди дека доколку пратениците го предложат, тогаш ќе ја прифати функцијата уставен судија.
-Одлуката ја носат пратениците. Доколку нивен став е дека можам да придонесам со работното искуство во оваа значајна институција, ќе прифатам, ни изјави Јовески.
На нашето прашање дали поднел документи во Собранието, тој вели дека испразнетите места се на предлог на Комисијата за избори и именувања.
-Комисијата за избори и именувања предлага кандидати што ги именува Собранието без да се поднесат документи. Некои ги предлага Претседателот на државата, а некои Судскиот совет. Испразнетите места сега се на предлог на Комисијата за избори и именувања, ни појасни Јовески.
Од неодамна во Уставен суд останаа уште 6 судии. Досегашните судии и поранешни претседатели на Уставниот суд Елена Гошева, Никола Ивановски и Сали Мурати заминаа од Уставниот суд со навршени девет години мандат. Според правилата Уставниот суд може да функционира и без една третина од судиите, но годинава му истекува мандатот и на судијата Јован Јосифовски кој беше избран во 2012 година.
Comments are closed for this post.