Ова е дно. ВМРО-ДПМНЕ е под полициска опсада. Членовите на партијата се претресуваат и вознемируваат од страна на полицијата, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ,  Игор Јанушев кој потенцираше дека лично и тој бил претресен. Барала полицијата да се идентификува и да го отвори гепекот од автомобилот.

Според него она што се случува вечерва е полициска брутаност.

Никогаш ама, никогаш во историјата на независна Македонија се нема случено вакво нешто. Ова е класична злоупотреба на полицијата во партиско политички цели. Ова е хајка, линч и класична злоупотреба на полицијата. Заев ги злоупотребува и медиумите. Она што вечерва го прават неговите хорди, не е помирување. Овој притисок е удар врз опозицијата и тој нема да помине туку така. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни, демократски и неопходни средства за да застане, на патот на злоупотребата на институциите и обидот за замолкнување на опозицијата“,  истакна Јанушев.

Според информациите како што рече кои ги има опозициската партија  притисокот нема да престане.

Ако мислите дека ќе не заплашите се лажете. Доколку полицијата поседува налог и ако се сомнева дека Груевски е во штабот позади може слободно да дојде и да провери. Јас лично немам контактирано повеќе од осум месеци со Груевски, посочи Јанушев.

Откако не го најде експремиерот Никола Груевски во неговиот дом, полицијата вечерва се упати во седиштето на ВМРО ДПМНЕ. Полициски службеници ги проверуваа возилата кои излегуваа од подземниот паркинг на ВМРО-ДПМНЕ.