Апокалиптични сцени оставa зад себе пожарот кој сè уште беснее во Малешијата. Вака изгледа денеска пустошот на Средна Планина, меѓу Пехчево и Делчево, по неколкудневните интензивни пожари во овој регион. Станува збор за огромна територија на шуми и гори, со дијаметар од 30тина километри, сега опустошен преде. Последиците од оваа невидена еколошка катастрофа допрва ќе се одразат на жителите од Истокот.

Претходно денеска раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски посочи дека како исклучително тешки се уште остануваат пожарите во делчевскиот и пехчевскиот регион – Нов Иствник, Пасјак, Трботивиште и Разловци.

Во моментот се дејствува со жива сила, со материјално-технички средства, со поддршка и помош од хеликоптерската единица на АРМ и на соседната држава Србија. Но, времето и условите се исклучително тешки. Јачината на ветерот е 60 километри на час и сето тоа отежнува и придонесува да не може да се дејствува и да се спречи пожарното дејство, изјави тој попладнево.

Исклучително тешка е состојбата и во Пехчево и во овој момент се дејствува во месноста викана Бајаз Тепе, Црник, Мачево.

Има некаде над 350 луѓе на тој потег, помогнати масовно од мештаните на Пехчево, но состојбите се уште не се под контрола. Можно е пожарот да избега во правец на Република Бугарија. Со сигурност не можеме да кажеме. Правиме напори за вклучување на дополнителни хеликоптери за да можеме барем тој појас да го заштитиме и оневозможиме продирање на просторот на територија на Република Бугарија. Се прават пресеци со градежни машини, се заоруваат ниви, односно и необработливи површини, се сечат дрвја се со цел да се спречи понатамошното интензивно ширење, потенцира Стојановски.