Во периодот од 3 до 12 август дел од членовите на Владата ќе искористат денови од годишен одмор, соопшти преку „Фејсбук“ Владата.

Владата секојдневно ги извршува сите свои функции, а согласно состојбата со пожарите министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници преку онлајн видео конференциска врска и навремено и непречено ги носат сите потребни одлуки. Согласно меѓусебна координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што тоа е потребно, пишуваат оттаму.

Додаваат дека овие денови теренската координација е обезбедена од страна на првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство Арjанит Хоџа, министерот и заменик министерот за информатичко општество и администрација Шакири и Бајдевски, министерката и заменик министерот за образование Царовска и Шабани, заменик министерот за внатрешни работи Буши, заменичката министерка за животна средина Оџаклиеска, заменикот министер за труд и социјала Енвер Хусин, заменикот министер за здравство Илир Хасани, заменик министерот за правда Нухиу.

Премиерот Зоран Заев користи денови од годишниот одмор до 12 август, а е во постојана телефонска и интернет координација со сите ресорни министерства и надлежни институции, се вели во фејсбук-статусот на Владата.

„Република“ уште вчеравечер испрати прашања за годишниот одмор на премиерот и министрите, откако јавноста бурно реагираше што тие се излежаваат на плажа додека републиката гори. Одговор од транспарентата Влада сè уште не е пристигнат официјално.

Одговор прво упативме до портпаролот Душко Арсовски, кој нè препрати до неговиот колега Мухамед Хоџа, затоа што и самиот е на одмор. Меил беше испратен уште вчеравечер на официјалната владина елетронска пошта, за утрово портпаролот Хоџа, кој одби да одговори на телефон да ни побара повторно да испратиме прашања.