Македонската влада и Исламската верска заедница (ИВЗ) деновиве си разменија писма во кои преовладува остар тон, и во кои „се бројат денови“ за решавање на проблемот со вакувски имот, кој е предмет на денационализација.

Најпрвин поглаварот на ИВЗ, Реисул-Улема Х. Селејман ефенди Реџепи испратил писмо до претседателот на Собранието, до претседателот на Владата и до Комисијата за односи со верските заедници во кое се наведува дека „ИВЗ по долго и трпеливо чекање, се обраќа за итно да се преземат соодветни мерки за конечно да се вратат имотите“. Потоа дојде и одговорот од Владата, која реагира на остриот тон, но и најавува и постапка пред Јавното обвинителство.

Како проблем ИВЗ ги посочува Хусамедин пашината џамија во Штип, која била заведена на име на друга верска заедница, нерешавањето на статусот на верските објекти во село Лажец Битолско, како и со реконструкцијата на Али пашината џамија во Охрид.

ИВЗ дава рок од 10 дена да се решат проблемите со овие наведни имоти, а доколку тоа не се случи „со проблемот ќе бидат запознаени надворешни фактори во земјата и медиумите“.

„Бараме итна заштита од ваквата дискриминација со тоа што ќе престанат сите незаконски дејствија на државните органи против ИВЗ и граѓаните од муслиманска вероисповед како нејзини членови, и ефикасна заштита на нашите имотни интересни права.

Пред почетокот на кампањата за претседателските избори, поради големиот притисок од страна на муслиманските верници ќе бидеме принудени во 700 џамии во земјава да ги информираме верниците за оваа долготрајна дискриминација што се врши кон ИВЗ и нејзините членови, со сите последици врз општествените односи во земјава“, се истакнува во писмото потпишано од поглаварот на ИВЗ.

Писмото до наведените адреси било примено на 21 март, а одговорот од Владата е испратен денеска.

Владата го брани секуларниот карактер на државата

Во него се наведува дека „Северна Македонија е секуларна држава, верските права и слободи се остваруваат преку градење меѓусебна доверба, а не преку закани и ултиматуми“.

„Владата на Република Северна Македонија јавно го соопштува одговорот упатен до раководството на Исламската верска заедница и до Реисул Улема х. Сулејман еф. Реџепи, после добиено писмо од ИВЗ кое содржи вид на уцени, закани и ултиматуми за предмети за кои се водат постапки пред надлежните институции.

Во однос на примениот допис бр. 03-154 од Ваша страна, истакнуваме дека истиот претставува неприфатлив облик на обраќање кон државните институции, кој е вид на уцена и закана, поради што сериозно размислуваме за истото да го известиме надлежното јавно обвинителство.

Во дописот споменувате неколку предмети, за кои се води постапки пред надлежните нституции, која е независна од волјата на извршната власт, а втемелена и зависна од строгото почитување на позитивното право во државата.

Според Уставот, како највисок правен акт, Република Северна Македонија е секуларна држава, а оваа извршна власт никогаш нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници или помеѓу нив.  Во таа насока ги отфрламе сите обвинувања дека било која верска заедница е фаворизирана во државата, а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално.

Доколку кај Вас почитуван, постои сомнеж или индиција дека некоја институција ги прекршила позитивно правните прописи Ве охрабруваме како Реисул на ИВЗ да покренете соодветна постапка пред надлежните органи со соодветно правно барање“, стои во одговорот до поглаварот на ИВЗ.