„Ова е тажен ден за Македонија, тажен ден за сите нас. Вакви настани да не ни се случуваат. Нека им е вечна слава“, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов на комеморативната седница на општина Гостивар, по повод трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово.
Се вели дека луѓето не умираат кога ќе ги погребат, туку кога ќе ги заборават. Да остане споменот за овие луѓе вечен, да се сеќаваме на нив, да ги спомнуваме, и на нивните најблиски да им помагаме овие тешки моменти да ги пребродат. Тешка е загубата, но уште потешко е ако вакви настани ни се повторуваат. Ова е поука да бидеме секој пат внимателни, рече претседателот Иванов.
Претседателот Иванов, во својот говор рече дека во моментите на тага, треба тагата да ја споделуваме и да помислуваме на живите, како на најблиските да им помогнеме да ги пребродат овие најтешки моменти во нивниот живот.
По обраќањето, претседателот Иванов во Гостивар ги посети семејствата Узеири, Трпевски и Исмаили, чиишто членови се меѓу загинатите патници во вчерашната автобуска несреќа.
По враќањето од Гостивар, од каде се повеќето од загинатите, претседателот Иванов ги посети повредените во ГОБ 8-ми Септември.
Comments are closed for this post.