Владејачкиот СДСМ преку „Големото око“ или „Големото уво“, со помош на апликација за смарт телефони за оперативен систем андроид, поставена на сервисот за апликации Гугл Плеј, а направена од страна на партијата, прибира лични податоци и мета дата од телефони на сите што ја симнале апликацијата, обвинија од тимот на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова.

Анонимно лице, таканаречен свиркач до член на тимот доставил документ, кој укажува на сериозно прекршување на изборниот процес и неколку закони со кои се прекршуваат голем број лични права на граѓаните на Македонија. Според независни ИТ експерти, кои биле консултирани, постојат сериозни индиции дека апликацијата се користи од членови на СДСМ, кои со нејзина помош добиваат целосен увид во интернет активностите на сите граѓани.

Преку оваа апликација теренските активисти на СДСМ прибираат и складираат лични податоци на граѓани без нивна дозвола. Овие податоци спротивно на сите позитивни правни прописи се под контрола на партијата на власт и најверојатно се користат за други активности со цел да се влијае на гласањето, но и за други политички цели на власта, изјави претставникот на тимот Горан Момировски.

Тој им сугерира на граѓаните веднаш да ја избришат апликацијата и да одбијат да разговараат со теренските екипи на СДСМ, кои од нив бараат било каков податок. Додаде дека документот е доставен до Јавното обвинителство, ДИК, Комисијата за заштита на лични податоци, странски институции и организации и амбасади, ОБСЕ, ОДИХР, МВР оддел за компјутерски криминал, а ќе бидат информирани и низа други меѓународни организации во Брисел, во САД, европски членки и НАТО.

Бараме од Јавното обвинителство да преземе итни мерки за спречување на уништување на доказите. Прво, Обвинителството да одреди мерка за забрана на користење на апликацијата и второ, да направи увид и конфискација на серверот во СДС, со цел да се утврди фактичката состојба за кој што говори овој документ. Постојат индиции дека на серверот, спротивно на сите закони, се складираат лични податоци на граѓани. Според индициите, прекршени се најмалку следниве основни човекови права-правото на приватност, правото на фер изборен процес и правото на заштита на лични податоци, изјави Момировски.

Со оглед на тоа што овде се работи и за следење на животите на граѓаните и складирање на лични податоци, фотографии и видеа на граѓани, според него, овој скандал може да се нарече не само „Големо уво“, туку „Големото око“. Во тимот не очекуваат овој скандал да ја наруши победата на професор Сиљановска Давкова, но за жал може да влијае негативно на можноста за добивање датум за преговори со ЕУ, нешто што е главна цел на македонските граѓани.