По предупредувачкото писмо на ген-секот Љупчо Николовски, на сите функционери на СДСМ, на сите нивоа, им претстои бурен викенд. Зашто, имаат уште два дена до апстинирањето од кафеани.

Според предупредувањето на ген-секот, партиската „прохибиција“ почнува од 20 јануари и ќе трае до денот на предвремените парламентарни избори 12 април. А, потоа, пак се по старо! Значи, овој викенд функционерите на СДСМ ќе пеат нова „партиска“ химна.

Ако по дочекот на Новата година таа беше стариот хит на Дино Мерлин-„Све је лаж, само пуста лаж“ (преводот на македонски е излишен, зашто тие српскиот го разбираат и познаваат подобро од македонскиот, од кафеани, нели), викендов ќе го пеат Харис Џиновиќ и неговиот рефрен „…И тебе сам сит кафано, да Богда се запалила…“.

Што партија и власт ќе беше овој СДСМ!? Писмото на Николовски само уште еднаш го потврдува старото правило дека апсолутната власт, апсолутно расипува и корумпира. Чуму такво предупредување ако генералниот секретар на партијата, впрочем, како и целата јавност, не знае(л) за досегашниот начин на владеење на своите функционери-не од работните места, туку од кафеани! Па, чорба за пеевче не се пропушта туку така, а камо ли пијанки и теревенки на државен трошок. Со пари на граѓаните како даночни обврзници. Тие се послатки и се трошат без усул.

За потсетување, ова не е прво вакво партиско предупредување. Нешто слично, ако не и исто, се случи и кога поранешниот партиски лидер Бранко Црвенковски заврши со функцијата Претседател на Република Македонија и повторно го презеде партиското кормило, што дотогаш му го чиваше сега актуелниот лидер Зоран Заев. Црвенковски тогаш предупреди дека нема да дозволи партиската политика да се крои од едно кафуле во центарот на градот на улица „Македонија“.

Од писмото на ген-секот Николовски остана нејасно дали досега објавените фотографии на партиските функционери ќе мораат да ги отстранат или, пак, ќе ги ретушираат. Модерната технологија тоа го овозможува.

Историски гледано, пак, фотошопот не е никаков модерен изум. Напротив, со него се служеле сите режими откако постои фотографијата. Кога некој од моќниците би паднал во немилост, едноставно го бришеле од фотографијата како никогаш и да не бил на неа. Во тоа предничеле Сталин, Хитлер, Мусолини…