Отворањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ треба да се случи и се надевам дека ќе успееме да го постигнеме тоа оваа година. Нема друга алтернатива. Исполнети се сите услови од страна на Македонија, изјави денеска амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн.

Таа додаде дека како дипломат е оптимистка и изрази уверување оти може да се постигнуваат цели ако доволно напорно се работи на нивно исполнување.

Во текот на следните недели, според неа, многу е важно да има соработка меѓу Македонија и Бугарија во оние области и сегменти каде што нема разлики во мислењата, со што ќе се докаже дека постои добра соработка.

Како и претходно и понатаму немаме план ‘Б’. Она што преостанува е отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, преостанува продолжување на разговорите за пристапување“, изјави германската амбасадорка.

.

Германската амбасадорка најави дека заедно со актуелниот претседавач Португалија и следниот Словенија ќе продолжат со напорна работа за да дојде до отворање на пристапните преговори.

Таа појасни дека до последната минута на германското претседавање со Советот на ЕУ се обидувале да постигнат едногласност меѓу сите 27 земји членки на Унијата, но тоа им успеало со 26.