Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се надева на позитивна одлука за Северна Македонија на Советот во јуни и смета дека ќе биде неодговорно ако ЕУ не ги исполни ветувањата што ги даде за нашата држава, особено, како што вели,  по видливиот напредок во реформите и историскиот пробив со Преспанскиот договор.

Ако нашите земји партнери испорачаат реформи, членките на ЕУ мора да испорачаат исто така, доведувајќи го  процесот на пристапување во следна фаза. Придржувањето кон нашите ветувања е прашање на кредибилитет на ЕУ. Второ, интеграцијата во ЕУ на Западен Балкан е во интерес на самата Унија: тоа создава стабилност, просперитет, како и демократски и инклузивни општества во нашето непосредно соседство. Перспективата за ЕУ е клучен двигател на реформите. Трето, би било неодговорно ако ЕУ не ги исполни своите ветувања. Не само затоа што тоа би можело да доведе до назадување во реформите, туку и поради нашите конкуренти во регионот, како што се Кина, Турција, Русија, кои имаат различни вредности и  може да ги искористат предностите од нашето двоумење и да го зголемат нивното влијание. Ако ЕУ навистина сака да стане глобален играч, мора да го интегрираме Западен Балкан и да ги здружиме силите во справувањето со заедничките предизвици како миграцијата, климатските промени и организираниот криминал, вели Хан во интервју за „Независен“ коментирајќи ги резервите на одредени земји членки за датумот за почеток на преговори.