Покрај прибирањето лични податоци преку Гугл плеј стор апликацијата „Избори 2019 година“ од страна на владејачкиот СДСМ, уште пред две недели во Државната изборна комисија бил извршен хакерски упад, обелодени претставникот на изборниот штаб на професорката Гордана Силјановска Давкова, Горан Момироски. Според него, за тоа не е направена ниту форензична истрага.

Според нашите информации, МВР се уште не утврдило како се случил тој напад и дали има поврзаност со апликацијата на СДСМ. Уште една работа да потсетам, лицето кое што во 2016-та година било претставник на Социјалдемократскиот сојуз во комисијата во ДИК, која што ги прочистувала изборните списоци и имала пристап до целата евиденција и матичните броеви на граѓаните, е автор на апликацијата при која што СДСМ собирала и прибирала информации од граѓаните и ги пренесувала на серверот на СДСМ“, изјави Момироски.

Тој очекува обвинителството и МВР да преземат најитни чекори и мерки за разјаснување на целата ситуација, зашто  е неверојатно три дена откако аферата „Големото око“ излезе во јавноста, а институциите се уште да молчат, додека луѓето, како што рече, одговорни за овој криминал во СДСМ да ги менуваат серверите и притоа целата македонска јавност да биде сведок на тоа. Момироски изрази сомнеж дека серверите се, најверојатно, веќе уништени и нема да може да се утврди што се содржеле.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска ни одговори дека за ова прв пат слуша, а претседателот бил на пат околу обврските со изборниот материјал, па остави простор за утре да се добијат евентуални информации.