Вчеравечер бевме сведоци на пренос во живо на социјалната мрежа на твитер како се менуваат хард дисковите во серверот на СДСМ за кои што постојат сериозни индикации дека складира лични податоци на граѓани, коишто се преземени со апликацијата „Избори 2019 година“, подготвена од Социјалдемократскиот сојуз, изјави Горан Момироски, претставникот на изборниот штаб на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова.

Тој истакна дека за оваа проблематика разговарале и во ДИК, а денеска во Јавното обвинителство имал средба со претставници на Комисијата, која што врши мониторинг на евентуални изборни нерегуларности. Од Обвинителството било кажано дека случајот е веќе доставен до Скопското јавно обвинителство, каде што е назначен јавен обвинител, кој треба да го истражува.

Навистина е неверојатно дека три дена откако јавноста, па и Обвинителството, и МВР по допрен глас разбраа за опасноста на една политичка партија преку андроид апликација на сервисот „Google play“ да прибира и да складира информации на партиски сервер, институциите, зборувам и за МВР и за Јавното обвинителство, да не го одземат серверот, со цел да се спречат натамошна дистрибуција на податоците и, се разбира, да се утврди одговорност на лицето кое, спротивно на законот, прибирало и складирало информации, рече Момироски.

Според него, доколку се реагирало побрзо и се утврдела фактичката состојба сите ќе биле помирни во однос на изборните нерегуларности, но и за други евентуални криминални активности, за жал, овој пат од страна на една политичка партија на власт.