Во обид да избегне затворска казна, 30-годишна Гркинка побегнала во Македонија, тука се породила, по што се обидела да се врати во својата земја без да ја помине пасошката контрола на грчка страна од границата на преминот Евзони.

Гркинката влегла во Македонија пред нешто повеќе од два месеца, а се обидела да се врати во Грција во понеделникот, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

„Кога царинските службеници ја спровеле предвидената процедура откриле дека во патничка торба носела бебе на возраст од само два месеца. Контролата, открила и дека за жената е издадена пресуда од судот во Солун, за затворска казна од три години за кражба. Под овие услови полицајците ја уапсиле, а бебето е дадено на нејзини роднини“, пишува грчката новинска агенција.