Автобусите на ЈСП „Скопје” и приватните превозници од денеска, 20 јануари, ќе возат бесплатно за граѓаните на Скопје. Одлуката денеска ја донесе Град Скопје и стапува во сила веднаш. Одлуката ќе важи до моментот на намалување на загадувањето на воздухот за што јавноста ќе биде дополнително известена.

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху соопшти дека е донесена и одлука за прекинување на сите градежни активности на градилиштата што се под надлежност на Град Скопје и ги повика и градоначалниците на скопските општини, исто така, да ги прекинат градежните активности.

Цените на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг од денеска двојно се зголемуваат и тоа ќе важи до престанување на оваа одлука.

ЈП „Комунална хигиена” е задолжено да продолжи интензивно да ги чисти градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје, а тоа им се препорачува и на  скопските општини.

„Бараме од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Бараме од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот и да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од страна на Градот Скопје“, рече Салиху.

Меѓу 13-те мерки и препораки на Град Скопје и повикот до неговите вработени, како и до вработените во  јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.

Салиху побара поголема вклученост и на другите институции и на граѓаните затоа што, како што рече, не можеме сами во оваа битка.

Итните мерки се преземени по добиеното известување од Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно над 188 микрограми на кубен метар на мерните станици во Карпош, Центар и Ректорат.