Фундаменталните права не се мерат со пари – истакна на прес-конференција вицепремиерто Бујар Османи на прашање на Пресинг ТВ, да каже колкави се финансиските импликации по буџетот на Законот за употребата на јазиците.

Османи, инаку имаше заедничка прес-конференција со новата раководителка на Советот за регионална соработка, госпоѓа Брегу, која почна на албански јазик без превод на македонски, со ветувања дека „тоа што го рекла Брегу ќе биде подоцна испратено како соопштение“.

Одговарајќи на новинарско прашање, Османи рече дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ пред Уставен суд за Законот за јазиците „е неповратен процес“, дека е во согласност со уставните амандмани од 2002 година и оти „ова е само губење време“.

Најсериозно ги повикувам да бидат дел од работните групи за имплементирање на Законот, рече Османи.

Според вицепремиерот, Владата во моментов размислува да испрати на оценка до Венецијанската комисија две одредби за Законот за јазиците за кои ќе чека мислење дали се уставни или не – за двојазичните униформи во Армијата и за двојазични банкноти. Ако добијат зелено светло од независните правни експерти на Стразбур, Османи рече дека и тие ќе бидат внесени во законот.

Но, тој постави лична дилема дали да се испратат тие делови на оценка, затоа што таму независен експерт од Македонија е професорката Тања Каракмишева.

Доколку е таму Каракамишева, подобро е да не го испраќаме (законот), оти оценката нема да биде објективна, рече Османи.