Проблемо со загадувањето е пресериозен и многу покомплексен од секојдневните дефокусирачки теми кои ги наметнува власта, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во денешното видео обраќање Мицкоски потенцира дека Владата мора да дејствува, бидејќи се работи за здравјето на 2 милиони граѓани. До сега според него се преземале бледи чекори кои како што рече се само маска да се покрие неспособноста.

„Не сакам да се разбере ова мое обраќање како политизација на проблемот, туку напротив како вклучен аларм и краен апел институциите на власта да престанат со декларативните мерки, да започнат суштински да се справуваат со проблемот, веднаш и без одложување. Секој поминат ден без решавање на проблемот подразбира нарушено здравје и загубени животи“, вели Мицкоски.

Според Мицкоски овој проблем не може да се реши со празни политички флоскули туку со целокупна мобилизација на стручниот и научен потенцијал на државата, како и барање помош од странски експерти и користење на нивното искуство со справување на ваков тип проблем.

Потребно е прогласување на вонредна состојба, за да се заштити здравјето на граѓаните. Владата да престане со празната демагогија и таа има обврска да го заштити здравјето на граѓаните преку спроведување на примарни и секундарни мерки предложени од научната јавност, истакнува Мицкоски.